Едногласно, советот на општина Кавадарци денеска го усвои кварталниот извештај за извршување на буџетот во првиот квартал од тековната година. Советот денеска за прв пат заседаваше преку видео врска поради актуелната состојба со корона кризата. Активни на онлајн врската беа сите советници.
На денешната онлајн седница се поништи одлуката со која беше дадена согласност за отпочнување постапка за задолжување на општина Кавадарци пред Светска банка за реализација на капиталниот проект – изградба на зелен пазар и нова одлука за домашно задолжување на општина Кавадарци за финансирање на овој проект.
„Пазарот ни е крупен и значање проект, а со неговата изградба ќе добиеме и дополнителни 140 места за паркирање “ рече градоначалникот Митко Јанчев.
На седницата беа усвоени и измени и дополнувања на повеќе општински програми. Во врска со измените на програмата за активностите на општината во областа на спортот, градоначалникот Јанчев информираше дека се врши укинување на 50% од средствата за спортските клубови.
„Поради укинување на сите спортски активности во овој период ги укинуваме и ние средствата за клубовите. Но веднаш штом се продолжат активностите тие средства повторно ќе ги вратиме на клубовите“ појасни Јанчев.
Тој исто така информираше и дека општината нема потрошено речиси ниту денар за справување со корона кризата, бидејќи трошоците за дезинфекција и набавка на средства и опрема за заштита се покриени од општествено одговорни компании.
Градоначалникот Јанчев и претседателот на советот Сакалиев упатија благодарност до сите компании кои донираа за општината и полесно справување со состојбите поради кризата со Ковид 19.
На седницата едногласно беше донесена одлука со која угостителите се ослободија од плаќање надоместок за користење на јавни површини. Оваа одлука се однесува за ослободување од надоместокот за април и мај, поради нивното неработење во време на епидемија. Доколку е потребно и понатамошно ослободување, рече градоначалникот, повторно ќе биде донесена ваква одлука.
„Угостителите се најмногу погодени од оваа криза. Со оваа мерка даваме придонес во задржување на вработените“ рече Јанчев.
На денешната 40-та редовна седница едногласно беа усвоени и извештаите за работењето на ЈП Комуналец, МХЕЦ Лукар и ЈП Паркинг.