Општината Кавадарци денеска започна со замена на оштетените рефлектори и канделабри како и на дел од инсталацијата на јавното улично осветлување на „Спомен костурницата“ во градскиот парк.
Оштетени се неколку рефлектори, на кои целосно им е искршено заштитното стакло, а кај други истото е распукано. Неодговорните лица направиле штета и на повеќето канделабри при што искршиле и оштетиле, лед светилки и кугли.
На новите ЛЕД рефлектори сега е поставена и заштитна мрежа со надеж дека ќе помогне во заштита на светлечките тела од намерните оштетувања со камења.
Општината целосно го обнови Јавното улично осветлување на спомен костурницата, како и во градскиот парк пред минатата година, предавајќи го на користење на граѓаните, но и на совеста за негова заштита.
Општината и овојпат упатува апел до граѓаните, заеднички да го штитат општото добро во интерес на сите, а доколку забележат случаи на дивеење и оштетување истите да ги пријават во повикувачкиот центар на телефонскиот број 13 300.