И покрај интензивните врнежи од снег, во Тиквешијата се испочитува традицијата за одбележување на празникот Свети Трифун. Се изврши симболично закројување на виновата лоза, со што започнуваат и операциите за производство на грозје од новата реколта.
Од музејот на виното во Кавадарци беше упатен благослов за богат и квалитетен род. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, пратеникот Панчо Минов и претседателот на советот Ристо Сакалиев денеска извршија симболично закројување на импрвизираната винова лоза во винскиот музеј, по повод празникот Свети Трифун.
Честитки до лозарите по повод големиот празник упати градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој порача заштитникот на виновата лоза Свети Трифун да го штити родот од новата реколта.
„ Посакувам оваа година да биде успешна за лозаропроизводителите со производство на квалитетно грозје, винариите да прават квалитетно вино и целиот труд да го добие заслуженото. Општина Кавадарци дава огромна поддршка и на малите семејни винарии кои со огромна љубов вложуваат во своите производствени капацитети со надеж за поголема промоција а во исто време и развој на туризмот во овој регион. Поминавме една тешка година која ќе ја паметиме долго. Денес симболично закројуваме со надеж за подобро утре. Иако спречени да го прославиме овој празник во поголеми размери, сепак сме тука да си посакаме желби за поуспешна година. Ви благодарам на сите кои сте денес тука заедно да наздравиме за бериќет и подобро здравје “ рече Јанчев.