ОПШТИНАТА И ВАРДАРСКИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН  ЌЕ ЈА РЕНОВИРААТ „ВИНСКАТА КУЌА“

ОПШТИНАТА И ВАРДАРСКИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН ЌЕ ЈА РЕНОВИРААТ „ВИНСКАТА КУЌА“

Во Кабинетот на градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев, денеска беше потпишан договорот со изведувачот за реконструкција на објектот „Винска куќа“ во градскиот парк.

Проектот опфаќа: замена на кров, поставување на нова плоча, нова челична конструкција, изолација на ѕидови, како и зајакнување на надворешните ѕидови, поставување на нова електрична инсталација и партнерно уредување. Изведувач е фирмата „Баџак инженеринг“ од Скопје.

Градоначалникот Јанчев истакна дека со овој проект Кавадарци ќе се промовира во Регионален центар за развој на винскиот туризам во Вардарскиот плански регион (ВПР).

„Ова е исклучително значаен, логичен и природен момент за градот и општината кои се центар на лозарството. Проектот го реализираме во соработка со Центарот за развој на ВПР, кој аплицираше до Министерството за локална самоуправа – Бирото за регионален развој. Вкупната сума на проектот изнесува  7 549 639 денари  од кои нашето учество е 3 096 460 денари со одлука на совет, а преостанатите 4 453 179 денари се од Бирото. Овој зафат на општината е врз основа на проектот ,,Унапредување и промоција на вински туризам во Вардарски плански регион преку инфраструктурно уредување на регионале вински центар-Винска куќа Кавадарци“, истакна Јанчев.