ОПШТИНАТА ПОДГОТВУВА НОВА СТРАТЕГИЈА  ЗА ЕКОЛОГИЈА 

ОПШТИНАТА ПОДГОТВУВА НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ЕКОЛОГИЈА 

Општина Кавадарци, екологистите од „Еко живот“ во соработка со регионалната стопанска комора Кавадарци, започнаа со постапка за изработка на нов Локален еколошки акционен план-ЛЕАП.

Овој стратешки документ е од голема потреба за општината, бидејќи постоечкиот е две децении стар и досега воопшто не е ревидиран.

Подолг период екологистите алармираат дека е потребна еколошка стратегија, а општината директно ги чуствува последиците првенствено од аеро загадувањето, изразени во грејната сезона.

Градоначалникот Митко Јанчев како еден од иницијаторите за изработка на општинска стратегија за екологија, вели дека овој документ е потребен за да се знае во која насока ќе се развива општината и како ќе се заштитува животната средина.

„Општината со партнерите од НВО секторот екологија, како и бизнис секторот, сме подготвени да го изработиме овој план, а во наредните години да биде во сервис на граѓаните и институциите. Самиот документ ќе придонесе за подобрување на состојбата со животна средина во општината. Ќе ги опфатиме сите сегменти, од аерозагадувањето кое е  изразено особено во зимските месеци, преку квалитетот на водите, почвата се до климатски промени“.

Од средбата која се одржа во големата сала на Општина Кавадарци, учесниците апелираа до граѓаните да се воздржат од горење на опасни материи за затоплување на домовите, а заинтересираните да земат активно учество во креирањето на овој стратешки документ.