Градоначалникот на Општина Кавадарци м-р. Митко Јанчев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска во селото Возарци ја отворија првата детска градинка.
Станува збор за преадаптација на поранешниот објект на амбулантата, кој сега со реконструкцијата е двонаменски. Новата градинка во Возарци има капацитет за прифаќање на 25 до 30 деца. На површина од осумдесеттина квадратни метри располага со занимална, просторија за персоналот, чајна кујна и санитарен јазол. Преостанатиот простор од објектот ќе ја има функцијата на амбуланта.
Во обраќањето пред присутните градоначалникот Јанчев рече: „Денеска, го предаваме во употреба објектот „Ѕвончица“ во с.Возарци со капацитет за сместување на над 20 дечиња. Возарци е село во кое, поради добрата местоположба и близината до градското подрачје, младите остануваат со своите семејства и детската градинка беше неопходна во една ваква средина“.
На отворањето на објектот присуствуваа жители од Возарци, како и претставници на Советот на општината и претседателот Ристо Сакалиев.
Овој проект општината го реализира на барање на жителите од Возарци. Со неговата изградба и предавање во функција општината обезбеди подобри услови за граѓаните во делот на предшкослата возраст како и во примарното здравство. А проектот ќе го подигна уште повеќе и онака добриот стандар на живеење во оваа урбана средина.