Програма за активностите на Општина Кавадарци  во областа на спорт и млади во 2022 година

Програма за активностите на Општина Кавадарци  во областа на спорт и млади во 2022 година

Врз  основа  на член 36  став 1 точка 15, а во врска со член 22 став 1 точка 6  од Законот  за Локална  Самоуправа  (,,Сл. Весник на РМ“ бр.5/2002 ), член 132 став 1 од Статутот на Општина Кавадарци (,,Сл. Гласник на Oпштина Кавадарци“ бр. 08/05…….75/21),

Советот на Општина Кавадарци на 6-тата седница, одржaна на ден 27.01.2022 година,  донесе

 

П Р О Г Р А М А

за активностите на Општина Кавадарци  во областа на спорт и млади во 2022 година

 

ЦЕЛИ 

Основни цели на Програмата за активностите на Општина Кавадарци  во областа на спорт и млади во 2022 се :

-Учество на општината во организирањето и збогатувањето на спортско-рекреативниот живот во градот;

– Создавање на услови за реализирање на спортско-рекреативните активности на граѓаните, особено младите и здруженијата од областа на спортот;

– Афирмација на Општина Кавадарци како развиен спортски центар во Република Северна Македонија и надвор од неа;

– Афирмација на Општина Кавадарци во која особено внимание се посветува на создавањето услови за правилно насочување на младите и организирање на нивните слободни активности.

АКТИВНОСТИ 

            Програмата за активностите во областа на спортот се состои од активности за:

-Поддршка и унапредување на спортот, спортските клубови/здруженија и индивидуални спортисти кои егзистираат на подрачјето на Општина Кавадарци

            Општина Кавадарци ќе ги поддржува активностите на спортските клубови и индивидуални спортисти регистрирани на подрачјето на Општина Кавадарци преку објавување на Јавен повик за доделување на финансиски средства од Буџетот на Општина Кавадарци на спортски здруженија и спортисти, а средствата ќе се доделуваат согласно Правилникот за определување на критериуми за доделување на финансиска помош на спортски здруженија и индивидуални спортисти од буџетот на Општина Кавадарци.

            Поддршка и развој на училишен спорт со реализирање на спортски активности и систем на натпревари на учениците.

            Во насока на унапредување на училишниот спорт Општина Кавадарци ќе ги финансира програмите, проектите и спортските активности на учениците и на младината, со посебен акцент на реализирање на спортски активности и натпревари на учениците од основните и средните училишта на подрачјето на Општина Кавадарци.

            Поддршка на рекреативни активности на граѓаните и рекреативни активности на лица со посебни потреби.

            Општина Кавадарци ќе поддржува програми и проекти за масовен рекреативен спорт на граѓаните и на лицата со посебни потреби на општината. Рекреативниот спорт треба да му овозможи на секој граѓанин согласно неговите потреби и можности активно вклучување во  спортскиот живот на општината.

            Сојузот на спортови на град Кавадарци ќе ги финансира манифестациите од локален, регионален, национален и меѓународен карактер кои се во интерес на развојот на спортот во општината со цел зачувување на континуитетот како и поддршка на традиционални манифестации, хуманитарни манифестации и манифестации од особен интерес на Општина Кавадарци.

            Поддршка на дополнителни програми и проекти на останати спортски организации и спортски друштва кои се од интерес на Општина Кавадарци.

            Општина Кавадарци ќе ги поддржува професионалните акционерски друштва кои ја претставуваат општината на меѓународната спортска сцена, спортско-рекреативни активности на лица со посебни потреби, женски спортски здруженија/клубови кои немаат матични спортски федерации.

Креирањето и финансирањето на Програмата за активностите на Општина Кавадарци во областа на спорт и млади е врз основа на Правилник за начинот, постапката и критериумите за финансирање  на програми, проекти, натпревари и манифестации од областа на спортот од интерес на Општина Кавадарци бр.08-7333/50  од 24.12.2021 година (,,Сл.гласник на општина Кавадарци,, бр5/21). 

За реализирање на целите на оваа Програма Општина Кавадарци ќе ги превземе сите активности и ќе ги стави на располагање сите свои човечки и технички ресурси.

 

ФИНАНСИРАЊЕ 

Спортските активности утврдени со оваа Програма се финансираат од Буџетот на Општина Кавадарци  за 2022година , во вкупен износ од 12.000.000,00 денари.