СЕ РЕКОНСТРУИРА „ГРАДСКИОТ ЗЕЛЕН ПАЗАР“

СЕ РЕКОНСТРУИРА „ГРАДСКИОТ ЗЕЛЕН ПАЗАР“

Општина Кавадарци денеска официјално започна со реконструкција на Градскиот зелен пазар. Механизацијата на фирмата „Градба промет“ го расчистува теренот на локацијата  на постојниот зелен пазар. Со новиот проект изработен од архитектонското биро „Дизајн центар Инжинеринг“ општината ќе гради современ покриен зелен пазар  во  две  нивоа  за  паркирање  и  едно  ниво  за  продажба  на  свежи  зелени производи,  како  и  производи  кои  бараат  посебни  услови.

Во  функционална  смисла  објектот  ја  задржува  својата  постојна намена  која  се збогатува  со дополнителни содржини. 

Приземниот  дел  е  предвиден за пристап, како и за  паркирање  на 62  лесни  автомобили  и  едно  паркинг место  за  инвалиди.  Новина е сообраќајниот пристап до објектот од источната страна по траса на ул. „Зелен Пазар“ на потегот од спојот со ул.„Цано Поп-Ристов“ до спојот со ул. „7-ми Септември“ која сега ќе се трансформира од  пешачка во улица за моторен сообраќај. Таа улица ќе има функција за пристап до објектот, како и за дотур на производи. Во  ова  ниво  се  наоѓаат  и  санитарни  јазли  за  продавачите  и потрошувачите.

На  нивото над приземјето (+3.10) се  предвидува  покриен  простор  со  челична  настсрешница кој ќе  служи  за  поставување  на  мобилни  тезги  за  продажба  на  зелени  производи  (зеленчук,  сезонско  и  јужно  овошје,  цвеќе,  чај  и  зачини),  како  и  посебен  дел  пунктови каде  што  ќе  се  продавааат  производи  кои  бараат  посебни  услови (месо,  риба,  млечни производи,  јајца,  маслинки). Во  делот  на  пазарот  каде  ќе  има  поставени  тезги  за  продавање  на  зелени  производи не е предвидено затварање на просторот со ѕидарија.

Проектот  предвидува  подземно  ниво со 66 паркинг  места за  лесни автомобили и  едно  паркинг место  за лица со  посебни  потреби. До  подземното  ниво  колскиот  пристап  е  овозможен  со  рампа  со  наклон  од 12%.

Трите  нивоа меѓусебе се поврзани  преку  вертикални  комуникации:  скалници, товарен лифт за достава на роба и помал лифт за луѓе. Конструкцијата  на  објектот  е  комбинација  од  бетон  и  челик.

Општината Кавадарци за изградба на објектото ќе инвестира 102.616.159 денари.

Во времето на изградба на новиот пазар, неговата функција ќе ја обавува пазариштето на локацијата на Булеварот „Никола Минчев“.