СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2019 ГОДИНА

СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2019 ГОДИНА

Нова детска градинка, доградба и преадаптација на веќе постоечки објекти во детска градинка, изградба на заобиколница Западен булевар, нов паркинг, реконструкција на уличното осветлување. Ова се само дел од проектите кои општина Кавадарци ќе ги реализира во 2019 година, а ќе се финансираат со пари од буџетот чија проекција беше усвоена од советот на Општина Кавадарци на 19 редовна седница.

Раководителот на секторот за финансии Цанка Јовановска, пред членовите на советот даде образложение на финансискиот документ на Кавадарци за следната година. „Предлог буџетот на општина Кавадарци е димензиониран на вкупен износ од 972.254.000 денари, од кои,  основниот општински буџет изнесува 465 милиони денари, приходите од само финансирачки активности 55  милиони денари, приходите од дотации 370 милиони денари, прихоите од донации 16 милиони и прихдоите од кредити 65 милиони денари“

Општинската каса на Кавадарци за 2019 е планирано да тежи близу 16 милиони евра. Советниците дадоа едногласна поддршка и нагласија дека буџетот е прилично амбициозен.

Градоначалникот Митко Јанчев е оптимист дека во најголем процент планираните приходи ќе бидат реализирани. Јанчев рече дека 2019 е година на многу предизвици во повеќе области за Кавадарци. Во буџетот Кавадарци има планирано и значајни средства што треба да ги добие од централната власт за проекти кои ќе ги финансира државата.

„Во делот на развојната програма за 2019 година  Кавадарци има предвидено поголема стапка на развој. Опфатени се повеќе јавни објекти. Го ставаме во програма зелениот пазар, паркингот, кружниот тек кај Тиквеш и порачани се повеќе физибилити студии за јавно приватно партнерство“ елаборираше Јанчев и нагласи  дека повеќе проекти кои се тендерирани годинава ќе се финансираат со пари од буџетот за следната година.

Во приходите влегуваат и парите за данок на имот на новите 4500 граѓани кои досега не биле евидентирани во системот за данок на општината.