Градоначалникот на Општина Кавадарци г. Митко Јанчев со соработниците вчера оствари директна средба со граѓаните од Урбаната заедница „Задругар“. Градоначалникот нагласи дека досега успешно се реализирани 90% од предизборната програма.
Граѓаните беа потсетени на реализираните проекти и фактот дека во оваа УЗ со асфалт се обновени 8 улици на површина од 5.342 метри квадратни.
Реализирани се проекти за поплочување на тротоари, и улички на површина од 2.767 метри квадратни. Извршени се интервенции на канализационата и водоводната мрежа на 5 улици. На 3 улици е поставена нова мрежа. поставена е одводна решетка на една улица како и околу 100 метални столбови како вертикална сигнализација за одвојување на сообреаќајна површина.
Во делот на еколошките проекти во овој реон се исчистени 5 критични точки со диви депонии, кои сега се претворени во зелени површини.
Граѓаните кон Јанчев упатиа пофалби и благодарност за сработеното, но во дискусиите ги посочиа проблемите кои треба да се решат во наредниот период. Најголем дел од забелешките се однесува на санирање на постојни улици и подземна инфраструктура.
Во завршниот збор градоначалникот вети скорешна реализација на Стратешки проект во ова УЗ, а тоа е пробивање на улицата „Западен булевар“ – односно ул. „Галишка“ во правец кон „Кавадаречки“ и кон „Желков дол“ со што ќе се отвори и значаен пристап. Со тоа овој дел од градот ќе има безбедна сообраќајница и повеќе нема да биде слепо сообраќајно црево на Кавадарци. Тендерската постапка е при крај.
На овој потег ќе се воведе и ново сообраќајно решение за еднонасочно движење по улиците „Пролетерска“, „Ваташка“ и „Јане Сандански“.
Капитален објект е секако и изградбата на нов објект на детската градинка на улицата „Ресавска“.
Сите забелешки од средбата ќе се вградат во новата Програма за комунална изградба во 2020 година, и дека истата треба да се подготви според реалните потреби од ситуацијата на теренот.