Општина Кавадарци продолжи со градежните активности на Градскиот зелен пазар.
Согласно динамиката на работа денеска започна дупчењето на нултото ниво каде треба да се постават 64 армирано бетонски колци. Овие колци се вградуваат во земјата, а имаат за цел да го стабилизираат земјиштето и да спречат оштетување на темелите на постојните околни објекти. Секој армирано бетонски колец е со височина од 10 метри.
Изведувач на работите е фирмата „Градба промет“, а проектот за современ покриен пазар е изработен од архитектонското биро „Дизајн центар Инжинеринг“ од Кавадарци. Општината на старата локација ќе гради пазар во две нивоа за паркирање и едно ниво за продажба на свежи зелени производи, како и производи кои бараат посебни услови.
Во функционална смисла објектот ја задржува својата постојна намена која се збогатува со дополнителни содржини.
Трите нивоа меѓусебе се поврзани преку вертикални комуникации: скалници, товарен лифт за достава на роба и помал лифт за луѓе. Конструкцијата на објектот е комбинација од бетон и челик.
Општината Кавадарци за изградба на објектото ќе инвестира 102.616.159 денари.
Во времето на изградба на новиот пазар, неговата функција ќе ја обавува пазариштето на локацијата на Булеварот „Никола Минчев“.