Ученици од Кавадарци во посета Бјела – Италија

Ученици од Кавадарци во посета Бјела – Италија

Со поддршка на Локалната самоуправа и бизнис секторот ученици од ООУ „Гоце Делчев“ Кавадарци беа во посета на училиштето „Институто Ла Мармора“ во градот Бјела северна Италија,  со кое кавадаречкото училиште повеќе години ја продолабочува образовната соработка.

Денеска во работниот кабинет, овие ученици заедно со наставничката по италијански јазик ги прими градоначалникот Александар Панов кој се интересираше за вшечатоците на учениците како и за разликите во образовниот процес кај нас и во Италија. Учениците ги споделија своите импресии од посетата во Италија со градоначалникот.

„Веќе неколку години ООУ „Гоце Делчев“ со нивниот наставник по италијански јазик имаат соработка со училиштето во Бјела. За прв пат со помош на локалната самоупрва и бизнис секторот овие деца кои се патем речено и прва генерација на  ученици кои го изучуваат италијанскиот јазик имаа можност да се дружат неколу дена со нивните другарчиња од Италија, да го повторат она што го имаат учено. Но  и преку  децата да оствариме и ние возрасните,  некоја соработка. Ние и претходно имавме соработка со градовите во близина на Торино и Милано. Се надевам дека оваа образовна соработка ќе продолжи и понтаму и нивни деца ќе дојдат во Кавадарци да ја  видат  нашата култура и менталитет  и соработката ќе се продлабочува и на други полиња. Моја желба е да воспоставиме и стопанска соработка со општина Бјела. Мислам делка добро е овие ученици да го изучуваат италијанскиот јазик и во средно образование. Правиме напор со МОН и со амбасадата на Италија во Македонија да успееме во намерата и во средните училишта во овој регион се изучува италијанскиот јазик“ рече Панов.

Учениците се задоволни од тоа што можеле да го видат во Италија, од начинот на кој се изведува наставата, но и од комуникацијата меѓу нивните врсници која не е сведена генерално само преку социјалните мрежи. „Воодушевена сум од посетата. Градот е многу чист. Наставата е многу убава. Сите ученици се дружат и комуницираат, за разлика од кај нас, каде  сите седиме на нашите мобилни телефони. Таму има многу поголема комуникација меѓу учениците“ рече Аница Пешиќ ученичка во ООУ „Гоце Делчев“.

Наставничката по италијански јазик во кавадаречкото училиште Даница Мургова нагласува дека кај учениците има голема желба за изучување на италијанскиот јазик. „Италијанскиот јазик е многу застапен во нашето училиште. Учениците имаат многу голема желба да го изучуваат. Нашето училиште е прво кое има ваква меѓународна соработка со училиште од Италија. Се надевам дека учениците она што го видоа таму ќе можат да го применат и тука“ рече Мургова.

Советничката за образование при локалната самоуправа Кавадарци, Зорица В`чкова која исто така беше дел од делегацијата во Италија се надева дека следната учебна година италијанскиот јазик ќе се изучува и во средните училишта но и во други основни училишта. „Мило ми е што продолжи проектот на Националниата агенција за воспитно образовна програма. Учениците го согледаа начинот, методологијата и пристапот во воспитно образовниот проце кој е многу поразличен од кај нас. Се надевам дека следната година ќе имаме и средношколци кои ќе го изучуваат италијанскиот јазик и дека во другите основни училишта во Кавадарци ќе се пројави интерес за изучување на италијанскиот јазик“ рече В`чкова.