По речиси повеќе од десетгодишна пауза автомобилистичкиот спорт и високите октани повторно се враќаат во Кавадарци, преку претстојниот ридско – брзински натпревар на патеката Кавадарци – Витачево. Овие натпревари најпрво се одржувале во рамки на Југословенскиот, а подоцна и во рамки на Македонскиот шампионат и истите важеле за едни од најдобро организираните мото натпревари за своето време.
Оваа година натпреварот ќе се одржи на 28 ми и 29 ти септември на патеката која се протега на патниот правец брана Моклиште – Витачево и е во должина од 5,3 км .
Свое учество во трката ќе земе и Градоначалникот г-дин Митко Јанчев.
За оваа трка во двата дена се предвидени две локации, Градски плоштад и брана Моклиште.
Сабота – 28.09.2019 г.
Градски плоштад 10 часот започнуваат техничките прегледи и верификациите а потоа и поаѓање кон стазата за тренинг возење.
Недела – 29.09.2019 г.
Градски плоштад 9:30 часот Свечено отварање а потоа поаѓање кон стазата на брана Моклиште.
Поради оваа организирана трка се известуваат граѓаните дека патот во двата правци, од Брана Моклиште до Витачево во должина од 5,3 км , ќе биде целосно затворен за сообраќај во деновите сабота и недела од 10 до 14 часот.