Градоначалникот на Општина Кавадарци м-р. Митко Јанчев со соработниците синоќа започна со традициоаналните средби со граѓаните во Урбаните и Месните заедници во рамките на подготовката на Програмата за комунална изградба 2020 година.
И годинава Јанчев првата средба ја имаше со жителите на Ваташа која се одржа во салата на Спомен домот „12 Младинци“. Во обраќањето градоначалникот потсети што се е реализирано од програмата за 2019 година. Во рекапитуларот тој ги потенцираше изградбата на кејот во селото, изградбата на новиот мост, реконструкцијата на Спомен домот како и реконструираните улици.
Во приоритетите за идната година ги посочи, изградбата на спортската сала во училиштето, пешачката патека кон „Моклиште“, спојување на кејот до мостот „Слога“, изградба на колектор од браната „Моклиште“ до Ваташа, како и продолжување со реконструкцијата на улиците.
Присутните граѓани искажаа едногласна благодарност за досега сработеното, а посочија и предлози кои треба да бидат дел од новата програма. Тие укажаа на повеќе локални комунални проблеми, а побараа приватниот партнер од малите хидро централи да ја почитува обврската за биолошки минимум на вода во коритото на Луда Мара, инсистирање за изградба на обиколницата која би ги пренасочила тешките возила од улиците на Ваташа со што ќе се намали бучавата, како и да се отстранат нерегистрираните и стари возила од сообраќајот кои се реална опасност додека сеуште се нема случено некоја трагедија, како и интервенции на јавното улично осветлување.