КАТАСТАР НА МРЕЖАТА ЗА ЈАВНО УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ

КАТАСТАР НА МРЕЖАТА ЗА ЈАВНО УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ

Општината Кавадарци во соработка со средното општинско училиште „Киро Спанџов-Брко“ започна со прибирање на податоци за креирање катастар на нисконапонската мрежа од јавното улично осветлување.

Во акцијата се вклучени стручните служби на општината заедно со наставниците и учениците од електро насоката во училиштето. Тие поделени во тимови во наредниот период поединечно ќе ги фотографираат и евидентираат на мапа бандерите, металните столбови, електричните водови и светлечките тела на целата улична мрежа. Прибраните материјали од терен ќе се внесат во единствената електронска база на податоци.

За реализација на овој значаен проект општината и училиштето потпишаа меморандум за соработка во кој се дефинирани целите, начинот и условите за спроведување на постапката.

Крајниот резултат ќе ја даде моментната состојба со мрежата на уличното осветлување. Ќе го прикаже расположивиот број на бандери, канделабри, водови и сијалични места. Општината ќе изврши нумерирање и означување со број на секоја бандера и столб, ќе ја знае должината на водовите каки и формата, јачината и типот на секоја светилка.

Во наредната фаза е предвидено и вградување на електронски мониторинг систем кој ќе ја следи работата и исправноста на  нисконапонската мрежа од јавното улично осветлување. Тоа ќе овозможи прецизно и навремено лоцирање на дефектите, како основа за нивно брзо и стручно отстранување.