Единствениот македонски демофестивал „Т’к Так Фест“ кој е под покровителство на Градоначалникот и Советото на општината Кавадарци, ќе се оддржи на 5 септември. „Причината за новиот датум на оддржување на фестивалот кој ја продолжува мисијата на Трајко Каров за промоција на демо бендовите е поклопувањето со традиционалната туристичко-културно уметничка манифестација Тиквешкиот гроздобер 2015“, велат од организациониот одбор на фестивалот, од каде најавуваат дека многу наскоро ќе биде објавен и финалниот лајнап за годинашното издание на кое покрај минатогодишните победници, суперталентираните Chromatic point, ќе настапат уште неколку интересни имиња од кавадаречката, но и од македонската рок сцена.
Поместувањето на датумот на оддржување на годинашното издание на „Т’к Так Фест“ ќе го пролонгира и датумот за доставување на апликациите за демо бендовите до 28 август. За потсетување, сите демо бендови кои сакаат да се вклучат во трката за Гран При наградата „Трајко Каров“ која се доделува на најдобриот тапанар и која изнесува 30.000 денари и наградите кои вклучуваат снимање во професионалните студиа на еминентни продуценти, треба да ги достават следните податоци:
– кратка биографија за бендот
– линк од демо снимки на две авторски песни поставени на приватен youtube канал. Должината на една композиција не смее да надминува повеќе од 5 минути.
– читко отчукан текст на песните со кои се аплицира на следната e-mail адреса: tk_tak_fest@yahoo.com
Во согласност со програмските определби на фестивалот, Селекторот и Селекционата комисија составена од еминентни и признати рок музичари ќе одлучат кои од пристигнатите апликации ќе бидат прифатени.