Градоначалникот Митко Јанчев со порака до институциите веднаш да реагираат и да ги проверат изнесените информации дека Еуроникел користи отпадно масло како мазут

Градоначалникот Митко Јанчев со порака до институциите веднаш да реагираат и да ги проверат изнесените информации дека Еуроникел користи отпадно масло како мазут

Во изминатите два дена во јавноста излезе еден дел од документарната емисија Заговор против воздухот од Истражувачка репортерска лабораторија. Моето внимание го привлече професионално направената истрага поткрепена со докази и документи. Како градоначалник на општина Кавадарци но и како граѓанин на Општина Кавадарци, не можам да останам рамнодушен на се што слушнав и видов. Оваа професионално направена емисија поддржана од меѓународен проект за истражување на организиран криминал и корупција, го доведува во прашање квалитетот на воздух во Општина Кавадарци. Не смееме, пред се како градоначалник и како општина, да дозволиме интересот на бизнис секторот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увозот на отпадно гориво кое е забрането во ЕУ а кај нас се увезува како мазут и се употребува, а знаејќи дека тоа има смртоносни последици, некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните институции Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за животна средина како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, Царинската управа и Инспекторатот за животна средина да ги испитат изнесените информации и докази во емисијата и да постапат согласно своите надлежности доколку има било какви пропусти. Доколку законите во нашата држава пак  го дозволуваат сето ова тогаш потребно е да се изврши интервенција во законската регулатива.

Согласно податоците во емисијата, најголем корисник на ваквиот мазут се јавува поранешно Фени индустри односно Еуро никел индустри, со потрошувачка од 2500 тони месечно. Една толку голема и гигантска компанија како што е Еуро никел Кавадарци со над 1000 вработени, нејзините менаџери  имаат одговорност пред се за безбедноста на своите вработени, нивните фамилии и имаат одговорност за целото население во Општина Кавадарци. Затоа е потребно Еуро никел да преиспита со кои компании соработува, какви суровини согорува, колку се професионални фирмите со кои соработува и дали ги превзема сите4 мерки за заштита на животната средина . Јас сум свесен дека многу семејства егзистираат од оваа комапнија и компанијата има значајна улога во развојот на стопанството во нашата општина, но  животот и здравјето на жителите на општина Кавадарци секогаш треба да биде на прво место, најважно од се.

Ви благодарам.