Со џаламарско оро џаламарите од повеќе кавадаречки села денеска ги бркаа лошите духови. Василичарските огнови од синоќа беа распламтени во Бегниште, Ресава, Дреново и село Сопот. Таму традиционално на празникот Василица се дава најголемо внимание.
Во селото Дреново жителите беа покрај огнот, а џаламарите ги посетуваа куќите на своите соселани. Невестата беше дарувана со пари, останатите од џаламарската дружина добиваа и други подароци, храна и пијалоци. Се верува дека вревата која ја прават со клопотарци ги брка лошите духови од селото.
Во посета на Дреново денеска беше и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. И тој ја даруваше невестата и на сите граѓани им ја честита Православна нова година.
Жителите на село Дреново раскажуваат дека џаламарската традиција во селото е присутна од дамнина. И најстарите жители паметат за овие обичаи, а помладите раскажуваат за василичарската традиција во селото.
Василичарски свечености со џаламари имаше и во селата Бегниште, Ресава и Сопот.