По обезбедувањето на доволни количини на вода за пиење за кавадарчани, ЈП Комуналец е фокусирано на завршување на реконструкцијата на водоводната и канализационата мрежа.
Советот на општина Кавадарци на последната седница ја усвои програмата по која ќе работи комуналното претпријатие, а во неа се наведува дека биле направени анализи за најкритичните потези од водоводната и канализационата мрежа, на местата каде се бележат најголеми дефекти, места каде има дотраена инсталација и потези каде сеуште има азбестно цементни цевки.
Со подолготрајна анализа на проблемите кои се појавувале во тековното одржување на водоводната, фекалната и атмосферската канализација било утврдено дека најголема потреба од реконструкција имало на фекалната и атмосферската канализација. Почетокот на реконструкцијата, согласно планираното ќе биде на главните колектори кои во моментот биле во лоша состојба и моемнталните профили немале можност да ги зафатат сите отпадни води. Станува збор за два колектори кои одат паралелно по реката Луда Мара од почетокот на село Ваташа, до селото Марена.
На овие потези ќе се изврши реконструкција на мрежата, ќе се променат старите дотрајани цевки и мали профили, а се планира поставување на ревизиони шахти, е предвидено во програмата за работа на ЈП Комуналец, организациона единица, водовод и канализација.
Директорот Илиа Атанасов на седницата на советот информира дека за оваа година е предвидено задолжување со кредит од КФВ банката во висина од 400 илјади евра и грант, неповратни средства од 250 илјади евра од државата. Со овие средства, како што рече Атанасов, ќе се заврши предвидената реконструкција на водоводната, фекалната и дел од атмосферската канализација на потегот од главниот извор од резервоарите, желков дол до градски базен.
Исто така предвидена е и промена на главен цевковод кој со вода ја снабдува цела средна зона запад, цела индустриска зона и с. Росоман. Како што истакнуваат од Комуналец, моменталната состојба на цевководот била лоша со чести дефекти.
Годинава ќе се реконструира водоводната, фекалната и атмосферската мрежа и на помали потези, а ќе се проширувал и СКАДА системот со поставување на нови мерно-регулациони шахти. Исто така планот на Водовод и канализација е да се изграделе две прекидни комори на водоводот за с.Бегниште и с.Сопот поради чести дефекти предизвикани од голем притисок. Во програмата се предвидува и менување на главните вентили на градската дистрибутивна мрежа, одржување на сите шахти, воздушни вентили, пожарни хидранти, и водомери.
Во 2013 година со одлука на кавадаречкиот совет на ЈП Комуналец му беа предадени за одржување селските водоводи за с. Конопшите, Страгово, Крњево, Д.БОшава, Бојанчиште, Киманичево и Гарниково. Таму се поставени три хлораторни станици, а во функција се две за селата Конопиште, Страгово и Крњево, додека третата е планирано да се стави во функција годинава, велат од водовод и канализација при ЈП Комуналец. Годинава се предвидува да се ангажираат две лица кои редовно ќе бидат присутни во селските населби и ќе вршат контрола на сите водоводни мрежу, ќе вршат санирање на дефекти, ќе остваруваат контакт со потрошувачите и ќе доставуваат фактури за потрошена вода.