КАВАДАРЦИ КО-ОРГАНИЗАТОР НА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА СЕНИОРСКА МАШКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА 2016

КАВАДАРЦИ КО-ОРГАНИЗАТОР НА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА СЕНИОРСКА МАШКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА 2016

Општина Кавадарци, претставувана од Градоначалникот Александар Панов денеска потпиша договор со Македонската Кошаркарска Федерација претставувана од претседателот Петар Наумоски за заедничка организација на Квалификациските натпревари од Сениорската машка репрезентација за учество на Европско Првенство 2017 година. Општина Кавадарци ќе обезбеди наменски финансиски средства во износ од  994.100,00 денари, за: исплата на службени лица (судии и делегати), транспорт на екипи. Општина Кавадарци ќе ја отстапи спортската сала „ЈАСМИН“ за одигрување на натпреварите и одржување на тренинзите на Македонската сениорска репрезентација и гостинските екипи, во термини од 28 Август до 14 Септември 2016 година.

Кавадарци како град домаќин на најдобрата машка кошаркарска селекција ќе ги организира трите натпревари на домашен терен и тоа: на 31.08.3016г. средбата Македонија-Луксембург,  на 07.09.2016г. дуелот Македонија-Унгарија и на 14.09.2016 г. натпреварот Македонија-Велика Британија.

Градоначалникот Александар Панов изрази благодарност до МКФ и претседателот Петар Наумовски за довербата кон градот како организатор и домаќин на вака значаен настан. Рече дека Општината и градот ќе направат се да ја оправдаат довербата, а потенцијал за такво нешто има како во кавадаречкото стопанство, но пред се во кавадаречката публика. Тој потвди дека уште еднаш познатото кавадаречко гостопримство ќе биде потврдено на дело за три победи нас нашата најдобра машка селекција и ново учество во континуитет на Европските првенства.

Претседателот на МКФ Петар Наумовски е оптимист и очекува дека Кавадарци уште еднаш ќе биде среќен за македонската машка кошарка. Притоа тој се потсети на времето кога пред 20 години како капитен на тогашната македонска репрезентација на турнир во Кавадарци тој и неговата генерација успеаа од Европската Б дивизија да се пласираат меѓу најдобрите репрезеентации на Европа во А дивизијата. Тој успех беше вовед во сите наредни учества на македонската кошаркарска репрезентација на големите еввропски натпреварувања.

Наумовски е убеден дека и овојпат Кавадарци ќе донесе нов успех на македонската машка кошарка.

Инаку Македонската Кошаркарска Федерација преку овој договор ќе ја промовира Општина Кавадарци во град-домаќин на Квалификациските натпревари, а ќе отстапи: 3 табли и 3 обрача, 20 баскети и ЛЕД панели за кошаркарските табли за потребите на ЈП „Јасмин“ со цел успешна реализација на натпреварите.