Во Кавадарци минатата сабота на 20 август започнa Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци-Михајлово 2016“ во организација на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци и Општина Кавадарци. На отворањето беа присутни 60-тина а деновиве им се придружиа уште десетина уметници. Ги има од Македонија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Романија, Бугарија, Албанија, Данска и други земји. Тие творат во просториите на Хотелот “Уни Палас 2“ и во околината на Кавадарци.
На отварањето со самостојна изложба се претстави Силвана Силва, македонски уметник, која живее и работи во Данска. Покрај ликовен таа е и уметник- поет-, па така во симбиоза како уметничка душа, Силвана во Кавадарци претстави дел од нејзината уметничка експресија која плени со едноставноста. Колонијата и изложбата ги отвори секретар на Општина Кавадарци Кире Делов. Тој при отворањето изјави; „Локалната самоуправа секогаш ќе ја подржува ова манифестација, која е една од најзначајните кај нас во Македонија. Ја вклопивме во „Топлиот културен бран“ со цел да ја зацврсти својата улога која веќе ја има на овие балкански простори. Ова што вечерва го гледаме и што ќе се случува во Кавадарци деновиве е доволен предизвик и е од големо значење. Сите создадени дела на колонијата ќе бидат понудени на аукција, а средствата собрани од неа ќе бидат уплатени на сметка за помош на настраданите семејства во поплавените подрачја во Македонија Ја користам приликата да ги поканам граѓаните и претставниците на бизнис секторот да се вклучат во аукцијата и на тој начин да помогнат на поплавените“ рече Ќире Делов.
Директорот на Домот на Културата Владимир Темков кој е главен „виновник“ за прераснувањето на Колонијата „Кавадарци Михајлово“ во голем културен настан, нагласи дека, чуството на едно место да се соберат толку значајни имиња од светот на ликовната уметност е доволна сатисфакција за целиот напор кој лично го чини заедно со вработените во Домот на Културата. Со ова Кавадарци потврдува дека е центар на ликовните случувања кај нас. Дваесет години колонијата спаѓа меѓу најуспешните во Македонија и на овој дел на Европа. На неа досега се претставија стотици ликовни уметници од целиот свет.
Во рамките на “Кавадарци-Михајлово 2016“ синоќа четвток 27 август започна Џез фестивал со познати балкански џез музичари. А со свој настап, џезерите на отварањето ја направија уметничката вечер уште поубава.