Денеска градоначалникот Митко Јанчев на генералниот директор на ЈП „Комуналец“, Ѓорѓи Поп-Ицов му ја предаде донацијата од 45 специјализирани контејнери за селектирање и прибирање на цврст отпад.
Општина Кавадарци ја доби оваа донација од „ПАКО-МАК“ претпријатие за трговија и складирање со отпад, а градоначалникот Јанчев денеска ја предаде во владение и управување на Јавното претпријатие.
Во изјава за донацијата градоначалникот Јанчев рече: „Општина Кавадарци заедно со ЈП Комуналец во соработка со ПАКО-МАК од Скопје, претпријатие за рециклирање на отпад доби донација од 45 контејнери за стакло, пластика, лименки и хартија. Специјализираните контејнери ќе бидат поставени по однапред поготвен план од Комуналец, одобрен од општина Кавадарци во градските средини со цел да можеме отпадот да го селектираме. Тоа значи дека треба го одвоиме стаклото од другите отпадни материјали, пластиката и хартијата. Јавното претпријатие ќе ги постави за недела до две овие контејнери на предвидените локации.
Оваа можност ја користам да упатам јавен повик до граѓаните кај што ќе ги има овие контејнери, соодветно да го селектираат и фрлаат отпадот за да можеме и од самото тоа да добиеме некои средства.
Пакомак еднаш неделно ќе пушта специјално возило кое што ќе ги празни овие контејнери и ќе го депонира отпадот на соодветна локација утврдена од општината и ЈП Комуналец. Подоцна може да набавиме преса за пресирање на отпадниот материјал и ќе го продаваме на компании за откуп на отпад. Така да бенефит ќе има и ЈП и граѓаните, а најмногу животната средината, бидејќи отпадот ќе се селектира а потоа и рециклира“ истакна Јанчев.
Благодарност за донацијата искажа директот на Комуналец Ѓорѓи Поп-Ицов кој истакна: „Ова значи голема корист за граѓаните на општина Кавадарци во делот на почиста животна средина. Првично празнењето ќе го врши Пакомак, а подоцна кога Комуналец ќе ја добие дозволата за трговија и за складирање на отпад ќе продолжиме со наше сопствено празнење“.
Градоначалникот Јанчев денешната посета во Комуналец ја искористии да ја промовира новата механизација во возниот партк на ЈП „Комуналец“ кој има набавено трактор и две нови приколки за потребите на водовод и канализација, така да јавното претпријатие се опремува со нова опрема за да може поефикасно да ги извршува услугите кон граѓаните.