Општина Кавадарци беше домаќин на средбата на лица со инвалидност кои во големата сала на советот имаа можност да присуствуваат на претставувањето на проектот „Стратегија за лица со инвалидност-ЛАПЛИ“.
Целта на проектот е зајакнато влијание на граѓанските организации кои работат со лица со попреченост во креирање на јавни политики во Општините Кавадарци, Градско и Чашка. Краткорочната цел на проектот е градење на засебни стратегии Локален акционен план за лица со инвалидност од овие општини.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев кој посочи дека општината безрезервно и со задоволство прифаќа да се вклучи во изработката на Локалниот акционен план за лица со инвалидност. Притоа подвлече дека неговата изработка ќе биде заедничка со сите здруженија од општината кои се опфатено со неговата реализација бидејќи така ќе се лоцираат сите потреби и ќе се изнајдат вистинските решенија.
Јанчев притоа додаде: „Од самиот почеток дејствуваме во интерес на лицата со инвалидност и попреченост. Досега општината има реализирано повеќе проекти во правец на создавање услови за подобрување на условите на овие лица и нивна поголема вклученост во општеството. Во неколку наврати се доделени електрични колички за инвалиди, изградени пристапни рампи во институциите, лифт за инвалиди во општината како и доделени парични рседства“.
Во оваа прилика Јанчев го промовираше и проектот со кој општината ќе обезбеди и возило комби за бесплатен превоз на инвалиди и лица со попреченост. Комби возилото со рампа е донација од СР Германија, а ќе биде на располагање на корисниците 15 часа во денот. Трошоците ќе ги обезбедува општина Кавадарци.