Во посета на Кавадарци, на средба со градоначалникот м-р. Митко Јанчев, беше амбасадорот на СР Германија во Република Македонија неговата екселенција г. Томас Герберих. Цел на посетата беше донацијата од амбасадата на Германија за општина Кавадарци на специјализираното возило за превоз на лица со инвалидност.
Во присуство на Михајло Михајлов претседател на Здружението на телесни инвалиди „Мобилност“ Кавадарци донацијата ја врачи германскиот амбасадор Герберих.
Лицата со телесен инвалидитет од денеска ќе имаат можност за пристап до транспортно возило со чија помош многу посамостојно ќе ги извршуваат своите обврски. За нивните потреби, адаптираното возило ќе им биде на располагање 24 часа, со цел да ги пренесува до одредиштата каде имаат потреба.
Општината Кавадарци ќе ги поднесе сите трошоци за одржување на возилото како и за ангажирањето на возачот. Истото ќе може да се користи со претходно закажување преку телефон.
Градоначалникот Јанчев се заблагодари за донацијата и нагласи дека ова возило е од големо значење за самостојноста при мобилност на инвалидизираните лица во општина Кавадарци.
Амбасадорот Герберих нагласи дека комбето е обезбедено со приватна донација во амбасадата, а со истото ќе им овозможат поголема мобилност на лицата кои се ограничени во движењето.
Михајло Михаилов од здружението „Мобилност“ се заблагодари за донацијата и рече дека ова возило е од голема потреба за сите лица кои се соочуваат со пречки во движењето.