По повод верскиот празник „Свети Никола“, фондацијата „Никола Јанчев“ во соработка со градоначалникот и советот на општина Кавадарци денеска на свеченост во компанијата „Кожувчанка“ на директорите на шесте Општински основни училишта од Кавадарци им ги врачи ваучерите за донацијата на прочистувачи на воздухот.
Ваучерите за вкупно 120 прочистувачи на воздух ги додели директорката на компанијата „Кожувчанка“ и на фондацијата, госпоѓа Јанинка Чупаркоска. „Целта ни е хуманоста. Пред неколку месеци доделивме 36 стипендии на основци, средношколци и студенти. Денеска доделуваме прочистувачи на воздух во училниците во правец на унапредување и заштита на животната средина пред се за децата“ рече Чупаркоска и нагласи и дека и во иднина фондацијата ќе се води од нивната стратешка цел.
Градоначлникот м-р. Митко Јанчев, кој присуствуваше на доделувањето, истакна дека најголем дел од средтвата за оваа донација се од неговата градоначалничка плата која што ја донира во фондацијата, но и средства од нивната компанија.
Директорите имаат обврска прочистувачите да ги стават во функција најдоцна до понеделник, од кога околу 3500 основци од Кавадарци, во своите училници ќе имаат прочистувачи на воздух.
Од името на учениците и родителите благодарност за вредната донација упатија директорите на училиштата.
Вредноста на уредите е 36 илјади евра, а истите ќе бидат распоредени согласно бројот на учениците и тоа: 23 прочистувачи во ООУ „Тошо Велков-Пепето“, 22 во ООУ „Страшо Пинџур“, по 19 прочистувачи ќе добијат училиштата „Тоде Хаџи-Тефов“ и „Димката Ангелов-Габерот“ Ваташа, додека 18 прочистувачи ќе добие ООУ „Гоце Делчев“, а 15 филтри ќе бидат распоредени во исто толку училници во ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ Кавадарци.