Со полагање на свежо цвеќе пред бистата на Страшо Пинџур во неговата Спомен куќа во Ваташа и со свечена академија, во Кавадарци на достоинствен начин се одбележа стогодишнината од раѓањето на народниот херој Страшо Пинџур.
Градоначалникот Александар Панов, претседателот на Советот на општина Кавадарци, Горица Пеливанова Вилхелм, членови на советот на општината, претставници од Музеј галеријата на град Кавадарци, месниците заедници, сојузот на борци и од основното училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, поклонувајќи се пред бистата на Страшо Пинџур уште еднаш ја искажаа својата почит кон големиот тиквешки и македонски херој.
Одбележувањето на роденденот на Страшо Пинџур продолжи со богата историско-културно-уметничка програма во преполниот Дом на културата „Иван Мазов – Климе“. Актерот Диме Коцевски читаше извадоци од „Дневникот“ на Страшо Пинџур, а професорот по историја Мики Камчевски зборуваше за животниот пат на Страшо, предизвиците кои го следеле уште од мали нозе кога останал без татко и во грижа на својата баба Наца, ученичките денови, дружењето со Димката Ангелов – Габерот и неговото погибие.
Градоначалникот Панов во своето обраќање искажа огромна почит кон ликот и делото на народниот херој Страшо Пинџур. Притоа постави релација на континуитетот на патриотскиот дух на семејството Пинџурови, од неговите ппретци, прку татко му Диме Пинџуров истакнат револуционер и ваташки војвода, баба му наца Пинџурова, храбрата жена која со својот дух и разумност го крепела семејството во најтешките моменти когас Страшо останува без татко, па до големиот патриотски и херојски чин на Страшо Пинџур.
Зборувајќи за денешниот патриотизам, Александар Панов борбата на оваа генерација кавадарчани ја насочи во правец на обезбедување на економски просперитет, квалитетно образование, здравство и севкупен развој на општината и општеството.
Свечената академија продолжи со настап на ученици од општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, професори репродуктивци од музичкото и балетско училиште „Лазо Мицев – Рале“, со музичките точки на Ангел Тотов, Пешо Бошков, Стево Волчев, Горан Јанев и Радица Димова.