Општина Кавадарци во координација со Територијалната против пожарната единица Кавадарци и ЈП „Македонски шуми“ подружница „Бор“ Кавадарци ќе реализира превентивна акција за заштита од пожари. Со акцијата ќе биде направена парцелизација на ридот „Љубаш“, а ќе биде опфатено расчистување на постоечките полски патишта и патеки во делот помеѓу Мал и Голем Љубаш.
Се работи за чистење на патеки во должина од околу 4 километри кои ќе служат како брана за неширење на евентуални пожари и полесно движење на противпожарните единици со цел интервенција во случај на пожар.
Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека оваа акција е од големо значење за превентивно делување во случај на пожар. Со релативно мал зафат спроведен од службите во општината надлежни за пожарите, ќе се овозможи поефикасна интервенција на ПП екипите.
Детали за акцијата изнесе м-р Петко Ристовски од Македонски шуми кој истакна дека ваква постапка за превентивно делување се спроведува по пауза од неколку децении, а има за цел да се превенираат евентуали штети.
Командирот на територијалната противпожарна единица Илчо Богевски рече дека и ТПП едеиница со целиот свој расположив капацитет ќе се вклучи во акцијата за превенција од евентуален пожар на „белите дробови“ на Кавадарци.