Градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев денеска имаше работна средба во својот кабинет со амбасадорот на САД Џес Бејли.
За средбата информираше во изјава за медиумите Јанчев и рече дека амбасадорот ја поздравил соработката помеѓу градоначалникот и советот иако доаѓаат од различни политички партии.
„Разговаравме на таа тема и е многу среќен што тоа функционира. Ми се чини дека сме единствена општина во Македонија каде функционира градоначалникот од една опција а Советот да биде од друга и да функционира како што треба без никакви опструкции во интерес на општеството. Не само овој амбасадор, сите кои имаат дојдено се задоволни поради тоа и мислам дека тоа е правиот начин и правиот пат за развивање на демократијата во Македонија“ рече Јанчев.
Тој нагласи дека амбасадорот ја подржувал општина Кавадарци, давал голема сила и ветер во грб за да се движи општината напред.
„Сме со исто мислење, дека имаме добра перспектива и економска и општествена, да се развиваме како општина во подобра насока“ додаде градоначалникот и информира дека се разговарало на економски, општествени и политички теми.
„Американската амбасада е доста инволвирана во сите ситуации и е доста добро запознаена со функционирањето на општините и на Владата, така да можеме да очекуваме поддршка во секој дел, нормално таа поддршка може да биде и материјална и финансиска и со инвестиции во делот на развој на економијата“ рече Јанчев во изјавата за медиумите.