Фирмата „Стентон градба“ од Битола е во завршна фаза на градежните активности за поставување нова атмосферска канализација на улицата „Пионерска“.
Градежните работи се изведуваат на последните 30 метри од целосно новата линија со вкупна должина од 265 метри. Новата линија од атмосферската канализација се гради на потегот од раскрсницата со улицата „Ресавска“ каде се спои со постојната атмосферска канализација, а во правец на ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“.
За овој проект општината инвестира 1.060.473 денари, а парите се обезбедени од буџетот.
Со реализација на овој проект ќе се зафатат површинските води во овој дел на градот, со што при обилни врнежи ќе се намали количината на дождовна вода која се слева кон центарот.
Општината Кавадарци го реализира овој проект со цел подобрување на опфатеноста на градот со атмосферска канализација.