Градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев денеска во кабинетот го прими средношколецот Мајкл Георгиевски, кој како дел од македонскиот тим учествуваше на 16-та Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, што од 3 до 12 декември се одржа во Доха, Катар.
Со сребрен медал се закити Мајкл Георгиевски, прва година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, кој за време на државните натпревари оваа пролет беше основец во кавадаречкото ООУ „Гоце Делчев“.
Честитајќи му на младиот сограѓанин на исклучителниот успех градоначалникот Јанчев ја искажа неговата лична, како и определбата на општината за помош на талентираните ученици во нивниот понатамошен развој.
Навраќајќи се кон овој досега најголем успех на екипа од Македонија на меѓународен престижен натпревар, како и големиот успех на Мајкл, Јанчев нагласи дека токму ваквите успеси се поттик на општината да инвестира во подобрување на условите во образовните институции со цел и идните генерации да изнедрат успешни кадри.
Тој посочи дека треба многу повеќе да се вложува во учениците, со цел да постигнуваат уште поголеми успеси и достигнувања дома, како и во светот.
Македонскиот тим, составен од шест ученици и тројца професори, постигна голем успех на олимпијадата, на која учествуваа над 400 натпреварувачи од 70 држави во светот. Македонските ученици по природни науки физика, хемија и биологија. освоија сребрен и бронзен медал.
На Јуниорската олимпијада учесниците се натпреваруваа индивидуално на два теоретски тестови со прашања и задачи од предметите физика, биологија и хемија, и тимски со практична работа преку изведување по еден експеримент од секоја дисциплина.
До учеството на Олимпијадата во катарската престолнина, шесте македонски ученици ги поминаа општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, во периодот од февруари до мај 2019 година.