„Општината, но и државата имаат рецепт за демократија, но е потребно повеќе да се практикуваат демократските принципи“ Рече градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев на денешната Работилница со наслов „Рецепт за Локална Демократија“ организирана од здружението „Чекор кон Европа“.
На работилницата присуствуваше и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија неговата екселенција амбасадорот Христијан Тимоние
Денеска во Кавадарци во ресторанот „Моклиште“ се споделуваа искуства-„Рецепти за локална демократија“, со цел да се воспостави повисоко ниво на комуникација помеѓу граѓанскиот сектор, општинската администрација, именуваните и избраните лица. Работилницата се одвиваше во насока на постигнување на повисок степен на отвореност на локалните институции кон заедницата и зголемено учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки.
Двајцата дискутанти посочија дека учеството на граѓанскиот сектор во развојот на локалната демократија е од особено значење.
„Долго време во Франција сме експериментирале со демократијата. Имаме жива демократија. Мислам дека можете да научите многу од нашите грешки отколку од нашите успеси. Мора да преовладува разумот да може заеднички да се работи и противникот да не се смета за предавник. Навистина да сфатиме дека мојот глас може би навистина тежи кај другата страна, но и обратно и дека нема предавници туку има сограѓани“ рече Тимоние.
Одговарајќи на прашање: Колкав е степенот на демократија во земјава, амбасадорот Тимоние посочи дека сеуште се трага по неа.
„Рецептот го имаме само треба да го практикуваме. Тоа значи да секој не се меша во сите работи, секој да си ја гледа својата работа. Ако го поврземе тоа со кујна тоа значи дека потребно е да се знае кој каков зачин става, за да не се повтора“ заклучи градоначалникот Јанчев.
Работилницата беше организирана во рамки на проектот „Граѓански организации во служба на локалната демократија.