На свечен начин беше предадена во употреба новата концертна сала во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци. На свеченоста присуствуваа: градоначалникот Митко Јанчев, земеник помошник администраторката на Бирото на УСАИД за Европа и Евроазија Гречен Биркл, потполковникот Ерик Рајс од Военото аташе на САД, и претставници на УСАИД.
Концертната сала општината ја градеше со помош на УСАИД, Европската команда на САД и бизнис секторот. Исто така со денешната свеченост се означи и крајот на реновирањето на просториите на музичкото училиште.
Градоначалникот Јанчев во своето обраќање на свеченоста ја нагласи важноста од зајакнувањето на граѓанските вредности кај младите, со цел тие да станат активни учесници во своите заедници и да градат силни пријателства со врсниците.
Од УСАИД во изјавата за медиумите ја нагласија важноста на овој објект кој во партнерство со општината се градеше во изминатиот период.
„Горда сум на ова широко партнерство помеѓу Европската команда на САД, УСАИД, општините и локалните заедници воспоставено за реновирање на училиштата. Преку оваа партнерство, од 2011 година, Европската команда на САД има инвестирано над 1,5 милиони долари за реновирање на 63 училишта, вклучувајќи го и вашето, паралелно работејќи на развојот на етничката кохезија во Македонија“ истакна Биркл.
„Новата концертна сала е од големо значење и за училиштето, Учениците од ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ од Кавадарци од денеска понатаму ќе можат наученото да го презентираат на концерти во новата концертна сала“ рече директорот Златко Јованов.