Автор: Општина Кавадарци

ПОСТАВЕНИ РЕКВИЗИТИТЕ ЗА НОВ ДЕТСКИ ЗАБАВЕН ПАРК

Општина Кавадарци согласно програмата за поставување на урбана опрема продолжува со активностите за обезбедување уредени простори за забава и рекреација на децата. Во наредниот период треба да се изградат неколку нови забавни паркови на подрачјето од градот.

Оперативата на фирмата „ЗД-Горан“ од Кавадарци работеше на поставување на детски забавни реквизити во населбата „Ѓорѓи Соколов“ веднаш до новите тениски игралишта кај заобиколницата „Северен булевар“.

Новиот детски забавен парк зафаќа површина од 150м2  каде беа поставени  5 реквизити за игра и забава.

Веднаш после поставувањето на реквизитите, оваа површина треба да биде покриена со бекатон коцки, после што ќе следи и поставување на урбаната опрема која предвидува неколку клупи за седење како и типизирани канти за отпад.

Новиот детски забавен парк ќе биде надополнување на просторот за рекреација и спортување  во овој дел на градот веднаш покрај реката  Луда Мара, каде се наоѓаат и двете  нови тениски игралишта.

АКЦИЈА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ДИВО ПОСТАВЕНИТЕ ЛИМЕНИ ГАРАЖИ

Градоначалникот на општина Кавадарци м-р Митко Јанчев, а на претходно барање од жителите на околните станбени објекти, покрена иницијатива за отстранување на бесправно поставените лимени гаражи на земјиште во сопственост на Република Македонија.

Во таа насока општината спроведува акција согласно која на почетокот сите иматели на ваквите објекти по писмен пат  беа благовремено информирани самите да превземат мерки за нивно отстранување. Општината навремено изготви известување кое беше налепено на сите лимени гаражи кои треба да се отстранат, со појаснување за идната намена на тој простор согласно деталниот урбанистички план на град Кавадарци.

Во моментот лимени гаражи се отстрануваат од неколку локации во градот. Најмногу бесправно подигнати лимени гаражи има на просторот кој се наоѓа помеѓу колективните станбени згради и индивидуалните станбени објекти на ул „Кочо Пацин“, ул.„Орце Николов“, булевар „Македонија“ и булевар „Никола Минчев“, вкупно 49 гаражи.

На оваа локација согласно ДУП предвидено е доасфалтиреање на паркингот како и хортикултурно уредување и поставање на урбана опрема.

На улицата „Блажо  Алексов“ треба да се размонтираат 5 гаражи, а на улица „Ѓорѓи Соколов“ 11 гаражи.

По нивното остранување општината овде ќе спроведе активност за дооформување на улиците во функција на новиот кружен тек којшто интензивно се гради.

Општината Кавадарци уште еднаш упатува апел до сите иматели на лимени гаражи, сериозно да пристапат во нивното демонтирање во законски определениот рок како би обезбедиле услови на нивно место да се оформат објекти согласно Деталниот урбанистички план.

 

ЗАВРШИ ДЕРАТИЗАЦИЈАТА НА КАНАЛИЗАЦИОНАТА МРЕЖА

Од извршените теренски увиди на надлежните во општината, од епидемиолошките иследувања од страна на стручнителица од Епидемиолошкото одделение при ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Кавадарци, како и поединечни пријави од граѓани и организации констатирано е дека во тековната година значително е зголемен бројот на глодари што претставува показател за епидемиолошки индикации.

Затоа општината Кавадарци превзеде навремени мерки за итни сеопфатни активности за нивно уништување со кои бројот на глодарите ќе биде ставен под контрола.

Дератизација се изврши во периодот од 03.04.2018г. до 17.04.2018г. од страна на стручни лица при ЈЗУ Центар за јавно здравје ПЕ Кавадарци – ДДД служба дипл.биолог Верица Клинчарова, мед.техничари Маријан Павлов и Даниел Ѓорѓиев во соработка со овластени лица од ЈП „Комуналец“ Бојан Атанасов и Петар Камчевски и со помош на комунални работници.

Дератизацијата беше извршена на ревизиони шахти на канализациона мрежа и колектори на територијата на Кавадарци. При дератизацијата беа користени родентицидни мамци ББ блок мамец од групата на биоцидни производи кои се користат за сузбивање на штетни глодари од комунална хигиена, здравство и земјоделие.

Дератизација беше извршена на 950 ревизиони шахти од канализационата мрежа каде вкупно беа поставени 3650 мамци.

ФОРМИРАЊЕ ПЛАТО ЗА ДИСЛОКАЦИЈА НА ЛИМЕНИТЕ ГАРАЖИ

Општина Кавадарци паралелно со акцијата за отстранување на бесправно подигнатите лимени гаражи на локации во градот, работи на уредување на простор каде тие гаражи би се дислоцирале.

На просторот покрај обиколницата „Северен булевар“  помеѓу мостот на реката Луда Мара па до спојот со ул „Ѓорѓи Соколов“ деновиве интензивно се расчистува  земјиште со површина од околу 9 000м2 сопственост на Република Македонија, каде е предвидено изградба на урбанизирано плато за  дислоцирање на лимените гаражи.

Локацијата која е предвидена за плато за лимени гаражи се прави со цел сите бесправно поставени лимени гаражи на територијата на град Кавадарци да се дислоцираат овде со цел истите да бидат соодветно поставени и обезбедени од кражба.

За оплеменување на просторот и ставање во функција работи механизација од еден скип и 3 камиони, донација од фирмата „ЈА-МИ“ од Кавадарци, а за истата работа е ангажиран и багер од  ЈП „Комуналец“.

Општината Кавадарциги повикува сите сопственици на лимени гаражи кои ќе се дислоцираат активно да земат учество во оваа благородна акција чија цел е „поубаво Кавадарци“.

СЕ МОДЕРНИЗИРА ПРОТИВПОЖАРНАТА ЕДИНИЦА ВО КАВАДАРЦИ

Градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев во придружба на претседателот на советот Ристо Сакалиев деновиве беше во посета на Територијалната противпожарна единица Кавадарци. Тие извршиа увид во тековните активности од реновирањето на зградата на противпожарната служба која со општински пари целосно се обновува и модернизира.

Градоначалникот Јанчев е задоволен од квалитетот и текот на работата за модернизирање на кавадаречката противпожарна единица.

Посетата беше искористена и за промоција на новото командно  возило џип од марката „Туарег“ кое го донираше компаниата  „Екстра бус“ од Кавадарци. Возилото е наменето за брза интервенција на пожарникарите. Опремено е со агрeгат на кој може да се приклучат алатките со кои се интервенира при сообраќајни незгоди.

Во изјава градоначалникот Јанчев најави дека во наредниот период преку донации ќе бидат набавени уште две возила за против пожарната единица, а во меѓувреме се работи на комплетно реновирање на противпожарната зграда. Јанчев најави и изградба на нови гаражи, а за неколку дена ќе бидат вработени 16 нови пожарникари.

Kомандирот на кавадаречката противпожарна единица, Илчо Богевски се заблагодари за донацијата и информираше за активностите на пожарникарите во изминатиот период, како и за бројот на пожари минатата година и во годинава кои се случени на подрачјето на општините Кавадарци и Росоман, а во кои противпожарната служба интервенирала.