СВЕТИ ТРИФУН 2017
Со благослов за родна година и квалитетно грозје денеска се изврши симболично закројување на виновата лоза. Во храмот Свети Димитрија и годинава се закроиа трите црковни лози, а рачките им беа дарувани на присутните лозари православни верници кои потоа истите ги носат на своите лозови насади. На светиот чин на закројувањето претходеше света божествена литургија во црквата Св.Петка со која чиноначалствуваа тројца владици од МПЦ, Агатангел, Иларион и Тимотеј. Тие упатија молитви лозјата да дадат квалитетен род.
„Заеднички со народот присутен во црквата се помоливме да нашиот спасител Исус Христос, по молитвите на Свети Трифун да имеме бериќетна година. Навреме да има дожд, сонце, лозјата да бидат здрави и плодни. Како што велат нашите дедовци и прадедовци бочвите да бидат полни“ рече Митрополитот на Повардарската Епархија, г. Агатангел.
Честитка до лозарите упати и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. „Оваа година да биде подобра од минатата односно од сите лоши години кои поминале. Нашите молитви да ни ги сослуша господ и да ни даде една благосостојба во лозарството и винарството и винариите навреме да го исплаќаат откупениот род“
Во чест на Свети Трифун се закројуваше и на градскиот плоштад во Кавадарци. Таму на импровизирани лози закроија градоначалникот Панов, претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм и пратеничката д-р Весна Пемова. Ученици од СОЗШУ „Ѓорече Петров“ изведоа драматургија посветена на Свети Трифун.
Лозарите уште во утринските часови ги посетија своите насади за да го извршат овој обред кој со векови се негува во Тиквешијата на празникот Свети Трифун.