Четвртото издание на Т‘к Т‘ак фест на 5 септември

Четвртото издание на Т‘к Т‘ак фест на 5 септември

Четвртото издание на „Т’к Так Фест“ ќе се оддржи на 5 септември, сабота, на градскиот базен „Ал Пачино“ во Кавадарци.

Уникатните „Фолтин“, легендарните „Паја Бенд“, „Црна Тачка“ и „Коцка Лед“, минатогодишните победници „Chromatic Point“ и исклучително интересните „The Brothers Band“ во кој членуваат познати личности од македонскиот јавен и музички живот ќе бидат дел од ревијалниот дел на четвртото издание на единствениот македонски демофестивал „Т’к Так Фест“, кој годинава ќе се оддржи на 5 септември.

„Чест и задоволство ми е што и годинава успеавме да ја направиме таа би рекол природна синтеза помеѓу етаблираните и почитувани рок музичари и новите рок надежи на Македонија, па покрај забавата ќе донесеме дел од историјата, но и иднината на македонската музичка сцена. Ги имаме кавадарчаните „Паја Бенд“ кои по неколку децении повторно ќе пеат за нивната „Роза“, потоа легендарните „Коцка лед“, а од источна Македонија ни доаѓаат „Црна Тoчка“ кои македонската публика ги памети по „Баба Ката“, „Збрка“… „The Brothers Band“ особено нивните членови ќе бидат нашето изненадување за публиката, која ќе ужива и во концертот на минатогодишните победници „Chromatic Point““ – ни изјави Марко Матиев од организациониот одбор на „Т’к Так Фест“.

Во продолжение од разговорот, Матиев потенцираше дека за разлика од останатите настани кои се организираат ширум земјава, и на четвртото издание ќе видиме македонски бенд како главна музичка ѕвезда. „Веруваме во квалитетот на нашите бендови, ги сакаме, слушаме и почитуваме, и токму поради тоа и годинава ќе имаме македонски бенд кои ќе настапи како главна ѕвезда на фестивалот. Се работи за уникатните „Фолтин“ кои по долги, долги години доаѓаат во Кавадарци, и тоа на нивното прво концертно издание“ – дополнува Матиев.