Училиштето „Гoце Делчев“ е дел од програмата „Еразмус плус“, со одобрен проект: „Мисија на куклите – учење низ игра“, кој е дел од акција К2-Училишни партнерства. Во периодот од 26.05.2015 до 30.05.2015 училиштето беше домаќин на земји партнери: Литванија, која истовремено е координатор и апликант на проектот, Холандија, Романија, Италија, Бугарија, Шпанија и Португалија. Во училиштето беа одржани презентации на тема „Образование надвор од училницата“, „Традиционални игри“, како и „Здрава традиционална храна“.
За време на Интернационалната вечер која се одржа во ресторан Ексклузив, секоја земја презентираше своја традиционална храна, која присутните можеа да ја дегустираат. Гостите се запознаа и со убавините и културното наследство на Македонија со посета на Охрид и Скопје. Италијанскиот тим, заедно со координаторот на проектот, Милка Мркева, и наставничката Николинка Илиева, остварија посета на италијанската амбасада во Скопје.
За време на заедничкиот ручек со заменик Амбасадорот Г-н Кандела, кој завршил основно образование во партнер училиштето во Сиракуза, беше разговарано за придобивките и значајноста на овој проект, преку мобилност на наставниот кадар, за приближување кон современ, европски образовен процес. Досега неколку наставници беа на обука во Сиракуза, Италија и Елче, Шпанија, а во текот на наредните две години ќе бидат реализирани уште голем број обуки во земјите партнери во проектот, во соработка со Националната агенција за образование на Р.Македонија.