Фирмата „Метал Апостолов“ привршува со реконструкцијата на мостот „Слога“ кој ги спојува улиците „Димче Мирчев“ и „Слога“ кај „Брушанското маало“. Денеска се изведуваа работи на фарбање на оградата на мостот во бела боја.
Станува збор за проект на Општина Кавадарци со кој целосно се обнови старата ограда, како и пешачките патеки од двете страни на мостот. Овој зафат се реализира согласно програмата за комуналчна изградба 2017 година. За негова реализација ќе се потошат 700.000 денари од оперативниот буџет на општината.
Реконструкцијата на мостот по кој се одвива интензивен автомобилски и пешачки сообраќај многу ќе придонесе за побезбедно движење на пешаците, а ќе го подобри визуелниот впечаток за овој мост.