ЈАВЕН ПОВИК за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Кавадарци за набавка на енергетско ефикасни грејни тела за 2018 година

ЈАВЕН ПОВИК за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Кавадарци за набавка на енергетско ефикасни грејни тела за 2018 година

ОПШТИНА КАВАДАРЦИ 

Врз основа на Програмата за развој на Општина Кавадарци за 2018 година и Програмата

за  изменување  и дополнување на Програмата за Развој на општина Кавадарци за 2018 година, Општина Кавадарци распишува

 ЈАВЕН ПОВИК

за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Кавадарци за набавка на енергетско ефикасни грејни тела за 2018 година

 

1.       Опис на Јавниот повик

1.1. Општина Кавадарци, со цел да ги стимулира жителите на Кавадарци(домаќинствата) за примена на почисто гориво и поквалитетни грејни тела за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот, на жителите кои ќе купат енергетско ефикасни грејни тела(печки на палети и инвертер клими) од денот на објавување на Јавниот повик заклучно со  31.10.2018 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на енергетско ефикасни грејни тела во висина од 50%, но не повеќе од15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.

1.2. Јавниот повик трае од денот на објавувањето од 06.08.2018 година заклучно со 31.10.2018 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Општина Кавадарци за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.

1.3. Доколку бидат исцрпени сите предвидени финансиски средства од Буџетот на Општина Кавадарци за оваа намена, Општина Кавадарци ќе ја информира јавноста на својата веб страна дека Јавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.

1.4. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден прв услужен“.

 

2.       Право на учество на Јавниот повик:

Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на Општина Кавадарци кои ќе купат енергетско ефикасно грејни тела за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на печка на пелети.

На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот.

 

3.       Услови што треба да ги исполни барателот:

3.1. Барателот треба да ги исполни следните услови:

 

–          да е жител на општина Кавадарци;

–          да нема добиено финансиски средства за набавка на енергетско ефикасни грејни тела од било кој извор во Република Македонија;

–          до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут;

–          новато енергетско ефикасно тело да го купи од денот на објавување до денот на завршување на Јавниот повик  и истото да биде инсталирана на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот;

–          станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее;

–          само едно лице од домаќинство може да поднесе барање за добивање на надоместок.

3.2.  За барателите кои имаат нов станбен објект, не важат условите од под-точката 3.

 

Напомена: Барателот мора да ги исполнува сите горенаведени услови за да неговото барање биде одобрено. Во спротивно, неговото барање ќе биде одбиено.

4.       Начин на пријавување на Јавниот повик

4.1. За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите се исполнети, барателот до општина Кавадарци треба да достави:

 

–          барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општина Кавадарци или од интернет страната на Општина Кавадарци: (www.kavadarci.gov.mk);

–          фотокопија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Кавадарци;

–          Изјава дека не е корисник на субвенција за истата намена  од било кој извор во Република Македонија;

–          доказ дека е извршено купување на енергетско ефикасно грејно тело(печка на палети или инвертер клима) и тоа оригинал фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум во период од денот на објавување на јавниот повик до денот на завршување на јавниот повик;

–          фотокопија од трансакциска сметка;

 

4.2. Барателите кои имаат нов станбен објект, а немаат никакво греење не треба да ја достават документацијата од под-точката 3.

 

4.3. Барателот треба да го достави барањето и документацијата во прилог во затворен плик до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на општина Кавадарци за набавка на енергетско ефикаснио грејни тела“ во архивата на општина Кавадарци, на адреса Пл.Маршал Тито бб, секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот.

 

4.4. На пликот треба да е наведено: „Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Кавадарци за набавка на енергетско ефикасни грејни тела за 2018 година“.

 

4.5. Архивата на Општина Кавадарци примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.

 

5.       Начин на спроведување на јавниот повик

 

5.1. Градоначалникот на општина Кавадарци формира Комисија за спроведување на Јавниот повик и Комисија за проверка на лице место по јавниот повик кои:

–          Комисијата за спроведување ќе ги разгледа пристигнатите барања и документацијата во прилог со цел да утврди дали истите се уредни и комплетни.

–          Комисијата за спроведување ќе состави записник од прегледот на сите пристигнати барања и состави предлог за субвенционирање/надомест или одбивање на барањето.

–          Комисијата за проверка  во рок од 10 дена по одобрување на барањето од страна на Комисијата за спроведување ќе изврши проверка на лице место за инсталираното енергетско ефикасно грејно тело на адресата на барателот.

–          Комисијата за проверка ке изготви извештај за секоја проверка на лице место и ќе даде предлог за исплата или одбивање на надоместот на барателот.

 

5.2. Барателот е должен да и овозможи пристап на Комисијата за проверка  до станбениот објект и просторијата во која се инсталирани набавените енергетско ефикасни грејни тела.

5.3. За пристигнатите и обработени барања од точка 5.1 алинеја 1, ќе се води листа со следните податоци:

–          име и презиме и адреса,

–          датум и час на пристигнатата пријава на Јавниот повик,

–          износ на надоместокот за барателот и износ на персоналниот данок на доход.

 

5.4. Исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот „прв дојден прв услужен“, а по донесување на решенија за одобрување на барањата од страна на градоначалникот на општина Кавадарци.

 

6.       Начин на остварување на правото на надоместок

 

6.1. Комисијата за спроведување на јавниот повик го објавува предлогот за субвенционирање/надомест на вебстраната на општина Кавадарци и  ги известува барателите.

 

6.2.  Градоначалникот на општина Кавадарци на предлог на Комисиите носи решение за одобрување на барањето.

 

6.3. Градоначалникот на општина Кавадарци на предлог на Комисиите носи решение за одбивање на барањето за барателите кои не ги исполниле условите од овој Јавен повик.

 

ВАЖНО: Повикот започнува од денес (06.08.2018) понеделник од 09:00 часот.

 

Барање – образец
Правилник за информации