Нови седишта во Големата сала на Домот на културата

Нови седишта во Големата сала на Домот на културата

Големата сала на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ го врати својот сјај. Поставени се нови 260 седишта кои ќе допринесат за многу попријатно следење на претстави, концерти, свечени академии, како и на сите други настани, а со тоа уште подобра реализација на многу претстави и во иднина.

Министерката за култура Елезабета Канческа-Милевска, во придружба на градоначалникот Александар Панов и претседателката на Советото Горица Пеливанова Вилхелм го промовираше успешно завршениот проект за обнова на старите седишта во големата сала на домот на културата „Иван Мазов-Климе”, кој како што кажа, се реализираше со заедничка заложба со кавадаречкиот градоначалник Александар Панов. Министерката Канческа-Милевска додаде „Инвестицијата чинеше околу 1,5 милиони денари, а овој значаен проект се реализираше благодарение на заложбите на министерството за култура и локалната самоуправа Кавадарци. Но ние не застануваме тука и понатаму ќе продолжиме со инвестиции и понатаму. Домот претходно доби и нова кино сала со 3Д проекција, а се реши и греењето во салата. Преку министерството се обезбеди и техничка и светлосна опрема за домот како впрочем што направивме и во други културни институции во државата. Се уреди и галерискиот простор во кој се организираат голем број на меѓународни и домашни изложби“ рече таа.

„Во изминатиот период знаете дека еден од приоритетите на министерството за култура и Владата е локалниот културен развој и се трудиме максимално да помогнеме во таа насока. Имено резултатите и нашите заложби се потврдуваат и се докажуваат овде во Кавадарци. Благодарение на поддршката на годишните програмски активности на трите културни институции, овде, се реализираат бројни проекти од областа на културата. Кавадарци има долгогодишна традиција на меѓународни фестивали како што се рок фестивалот, џез фестивалот, фестивалот на хорови, Тиквешкиот гроздобер, Кавадаречката културна есен како единствена манифестација во македонија и други настани и манифестации. Тука е и проектот „Топол културен бран” како еден многу значаен настан за дисперзија на голем број на културни настани низ сите градови, а кој се спроведува и во Кавадарци“, нагласи таа.

Министерката се осврна и на проектите од издавачката дејност, нагласувајќи дека редовно се дистрибуираат книги до сите библиотеки во државата. Со новите измени во законот за библиотечна дејност, информираше таа, се овозможи во националните институции тие да се купат по прифатлици цени и на рати.

Градоначалникот Александар Панов изрази благодарност до министерката и министертсвото за соработката. Нагласи дека многу пати досега се имало слух за културните потреби на кавадарчани. „Се поддржуваат проекти на домот на културата, музејот и градската библиотека. Сега после заокружувањето и на овој проект, можам слободно да кажам дека Кавадарци има три културни институции кои имаат европски лик. Следува инвестирање во реконструкција на сцената во салата, како и просторот за актерите зад сцената во гримиорните и во санитарниот јазол. Во домот на културата, повторно ќе обезбедиме по половина од потребните средства заедно со министерството“, соопшти тој.

Директорот на домот на културата Владимир Темков рече дека денеска е празник во Кавадарци, особено за вљубениците во културата. „Ги сменивме седиштата во домот после 5 децении и тоа е навистина за поздравување. Јас сум радосен што министерството го поддржува домот во последните 10 години, а денеска потврдивме дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина“ нагласи Темков.

Во знак на благодарност за поддршката што ја дава Министерството за Рок фестивалот „Т,к Так„ од името на организаторот Даниел Уневски и врачи на Канческа-Милевска пригодна плакета, на што министерката беше пријатно изненадена. Плакета со знакот на единствениот рок фестивал посветен на младите рок бендови со акцент на нивните тапанари, доби и градоначалникот Александар Панов. Притоа Уневски соопшти дека годинава маедонските рок состави за признанието „Трајко Каров“ ќе се борат во септември за време на празникот на градот 7 септември.