Општината Кавадарци преку одделението за сообраќај и службата Мој општинар во координирана акција со кавадаречката сообраќајна полиција спроведоа превентивна акција со опоменување на возачите кои не ги почитуваа сообраќајните знаци со кои се регулира новововедениот режим на сообраќај на 4 улици во градот.
Од страна на полицијата се запираа возачите кои не го почитуваа знакот за еднонасочна улици и истите беа опоменувани за сторениот прекршок, а од страна на општинските служби беа информирани со леток на кој се означени измените во одвивањето на сообраќајот на улиците „Ресавска“, „Браќа Хаџи-Тефови“, „Браќа Џунови“ и улицата „Максим Горки“ .
Веќе неколку денови на сила е изменет режим на одвивање на сообраќајот на овие улици во централното градско подрачје. Новиот режим пред се е воведе заради поголема пропустна моќ на градските сообраќајници, како и за обезбедување поголема безбедност на возилата и пешаците.
По улицата „Максим Горки“ сообраќајот се одвива во насока од спојот со ул. „Партизанска“ кон спојот со улицата „Илинденска“.
Согласно новиот режим сообраќајот на улицата „Браќа Хаџи Тефови“ се одвива во насока од спојот со улицата „Браќа Џунови“ кон спојот со улицата „Миле В`чков“.
На улицата „Браќа Џунови“ на потегот од спојот со улицата „7 ми септември“ до спојот со ул „Браќа Хаџи Тефови“ сообраќајот се одвива во насока од улица „7 ми септември“ кон ул.„Браќа Хаџи Тефови“.
Изменетиот режим на сообраќај на ул. „Ресавска“ се однесува на потегот од спојот со улиците „Тиквешко востание“ до спојот со улицата „Пионерска“. Овде сообраќајот се одвива во насока од ул. „Пионерска“ кон улицата „Тиквешко востание“.