Категорија: Урбанизам и Комунални дејности

ДОПОЛНИТЕЛНИ ПЕШАЧКИ ОСТРОВИ КАЈ НОВИОТ СЕМАФОР

Оформувањето на новиот семафор како сообраќајно решение на раскрсницата меѓу булеварот „Никола Минчев“ со булевар „Македонија“ е во крајна фаза.

Деновиве завршија градежните работи од доградбата на два пешачки острови по средината на булеварот „Никола Минчев“.

Тој дел од  пешачките премини пред поставувањето на семафорот беше на нивото на коловозната лента. Сега таму се вградија рабници кои ќе бидат означени со жолто црни испрекинати линии согласно хоризонталната патна сигнализација.

Во нивниот волумен ќе се постават бекатон коцки кои ќе формираат два нови острови за одмор на пешаците. Согласно режимот на работа на семафорот, пешаците на тоа место го минуваат булеварот на два пати со одмор на средината од улицата.

Островите ќе имаат задача и да го спречат непрописното полукружно свртувања на несовесните возачи.

Општината со овој зафат го подига нивото на безбедност на печаците во сообраќајот на раскрсницата.

 

ЗАВРШЕНО ПОПЛОЧУВАЊЕТО НА УЛИЦА „ДИСАНСКА“ СПОРЕДНА

Општина Кавадарци успешно реализираше уште еден проект од комуналната изградба. Деновиве заврши поплочувањето на спореден крак од улицата „Дисанка“ во населбата „Парк“ над Градскиот фудбалски стадион.

На овој простор оперативата на градежната фирма „Инвест груп“ од Неготино постави бекатон коцки на вкупна површина од 550м2, и во должина од 110 метри.

Работите започнаа во месец март, а  на крајот од април општината им ја предаде улицата во употреба на жителите од овој дел на градот.

ПРОБИЕН КРАК ОД УЛИЦАТА „ГАЛИШКА“

Општината Кавадарци преку оперативата на градежната фирма „Урбан Инвест“ го реализираше проектот според кој беше пробиен крак од улицата „Галишка“ до спојот со „Западен булевар“ на кривината кај градските гробишта.

За нејзино пробивање беа изведени земјени работи за чистење, пробивање, планирање и валирање. Притоа се изврши ископ на 750 м3 земја и се оформи улица со широчина од 3,5 метри во должина од нешто повеќе од 100 метри.

Општината се реши на овој чекор на барање од жителите кои и досега  ја користеа оваа земјена делница од улицата, која не беше пробиена согласно градежните стандарди. Таа беше тесно грло кое граѓаните масовно го користеа скратувајќи го патот до своите домови.

Во оваа фаза од проектот општината им обезбеди поширока и израмнета улица без поголеми дупки и „тумби“.

ОФОРМЕНИ КОНТУРИТЕ НА НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК

Оперативата на изведувачот „Градба промет“ работеше на поставување рабници покрај коловозните ленти и на формирање на кругот од новиот кружен тека на раскрсницата меѓу улицата „Блажо Алексов“ и Булеварот „Видое Смилевски“.

Со овој зфат се поставија граничните линии и се оформи ликот на третиот кружен тек во Кавадарци. После ова  ќе следат завршните работи од изградбата на ова сообраќајно решение со асвалтирање на коловозните ленти и хортикултурно уредување.

Од изградбата на овој кружен тек општината очекува создавање услови за побрз проток, како и зголемена безбедност во одвивањето на сообраќајот во овој фрекфентен источен влез во Кавадарци од правецот на Неготино и автопатот е-75.

ЗАВРШИ ПОСТАВУВАЊЕТО БЕКАТОН КОЦКИ НА ДЕЛ ОД УЛИЦАТА „12 ДРУГАРИ“

Со фугирањето на павер елементите, заврши поплочувањето на дел од улицата „12 Другари“ во Ваташа.

Оперативата на фирмата „Инвест груп“ согласно проектот постави бекатон коцки на вкупна површина од 1200м2  на улиците „12 Другари“ и  спојот со ул. „Методи Џунов-Џико“  кај „Калница“.

За оваа намена општина Кавадарци инвестираше вкупно 1.200.000 денари од кои сретства во износ од 980.000 денари беа наменети за поплочување на улицата „Методи Џунов-Џико“, а останатите 280.000 денари за улицата  „12 Другари“

Со овој зафат општина Кавадарци им излезе во пресрет на барањата на жителите на улицата која гравитира над фудбалското игралиште на ФК „Габер“ кои од сега натаму ќе се движат по урбанизиран и оплементе простор без да газат кал и прашина.