Категорија: Настани

75 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПАРТИЗАНСКИОТ ОДРЕД „ДОБРИ ДАСКАЛОВ“

75 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПАРТИЗАНСКИОТ ОДРЕД „ДОБРИ ДАСКАЛОВ“

На денешен ден се навршија 75 години од формирањето на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“.

По тој повод денеска над селото Бојанчиште делегација од кабинетот на градоначалникот, советот на општината, претставници на Сојузот на борците и почитувачите од НОБ од Кавадарци и Неготино положија букети свежо цвеќе пред споменикот на загинатите борци од одредот. Историчарот Петре камчевски пред присутните потсети. „Историјата за овој настан памети дека на 14 нај 1943 година по долги и сериозни подготовки на планината „Вишешница“ во близина на Полошкиот манастир е формирана оваа партизанска единица. Штабот на одредот го сочинуваат: Никола Минчев-командант, Лазар Калајџиески-заменик командант, Димката Габерот-политички комесар и Петар Пепељуговски-зам. полит. комесар. За кратко време одредот врши неколку значајни акции со кој му нанесува сериозни загуби на бугарскиот окупатор. На 14 мај-Ресава, 17 мај-Гарниково, 18 мај-Бојанчиште, караулите Шаренка и Порта, Драгожел, Драдња, Шешково, Праведник, Галиште итн.

За да го уништи одредот окупаторот презема голема офанзива во која вклучува 12.000 војници, полицајци и контрачетници. Одредот претрпува сериозни загуби, загинаа: Блажо Тодоровски-Чичето, Димката Ангелов-Габерот, Ило Виларов, Пано Мударов, Стојан Крстев и др. Во помали групи поради силниот притисок и постојаните борби борците се префрлуваат во Егејска Македонија каде се врши обука на борците, тактичко-маневарски вежби и политички предавања, а во помали групи се префрлуваат во Тиквешијата и вршат помали акции.

Со одлука на ГШ на НО војска и партизански одреди на Македонија од одредите „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“ и делови од битолскиот одред „Гоце Делчев“ на 24 септември 1943 година е формиран баталјонот „Страшо Пинџур“.

ВО ПАРКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА ОДБЕЛЕЖАН  ДЕНОТ НА ЕВРОПА

ВО ПАРКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ЕВРОПА

Општина Кавадарци во чест на Денот на Европа, го организираше традиционалниот настан под мотото „Учиме заедно за Европа“ како дел од останатите триесеттина градови во Македонија што се вклучиа во организацијата на овој традисионален настан во организација на канцеларијата на ЕУ во Македонија и ЗЕЛС.

Во паркот на Револуцијата пред граѓаните се претставија учениците од ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, членовите на балетските студиа „Венус“ и „Модерен Балет-Старс“, детскиот хор при фестивалот „Ластарчиња“ како и деца од повеќе невладини организации.

Членови на НВО организации на импровизиран штанд ги претставиа основните карактеристики на Обединетото кралство Велика Британија,  Словенија, Романија и Естонија.

Учесниците на манифестацијат песни и игри на платото во паркот на Револуцијата презентираа и неколку социјални игри од земјите членки на Европската Унија.

ЦВЕЌЕ ВО ЧЕСТ НА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА  НАД ФАШИЗМОТ

ЦВЕЌЕ ВО ЧЕСТ НА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ

Кавадарци достоинствено и скромно, денеска го одбележа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот.

Во чест на 73 годишнината од големиот ден, денеска делегација од сојузот на борци и почитувачи на НОБ, од Советот на општината, кабинетот на градоначалникот, во која беа и претставници на општествено политичкиот живот од општината, положија букети свежо цвеќе пред споменикот на Слободата и револуцијата на градскиот плоштад.

Денот кога Европа го победи фашизмот, е историски поврзан и со антифашистичката борба на македонскиот народ кој на страната на прогресивните сили преку НОБ учествуваше во големата победа, преку која го оствари вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и сопствена држава.

Кавадарци во таа борба даде над 330 жртви кои го положија својот живот за Македонија.

ГОЛЕМА АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ И РАЗУБАВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО КАВАДАРЦИ

ГОЛЕМА АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ И РАЗУБАВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО КАВАДАРЦИ

Градоначалникот Митко Јанчев, членови на Советот на општина Кавадарци, вработените во општината и од институциите под надлежност на општината се вклучија во еколошката акција која во саботата на 5 мај се спроведуваше на територијата на општина Кавадараци.

Се чистеше на 15 локации, а за отстранувањето на вреќите со собран отпад, се погрижи Јавното претпријатие „Комуналец“, чии вработени исто така се вклучија во акцијата, заедно со вработени во противпожарната служба, спортската сала „Јасмин“, Домот на културата и градскиот музеј.

„Во Кавадарци подолго време се работи за почист и поубав град. Очигледно е дека општината оди на повисоко ниво во делот на хигиената и во делот на секојдневното функционирање. Заедно со вработените во сите јавни институции што се на општинско ниво, на чело со нивните раководители, организиравме и направивме едно генерално чистење на градот на повеќе јавни површини. Со оваа акција сакаме да ја подигнеме еколошката свест како кај вработените во општината и општинските институции, така и кај целокупното население“ рече градоначалникот Јанчев.
Тој најави дека е можно ваквата акција за чисто Кавадарци да стане пракса која би се практикувала два пати годишно.

Кавадарчани задоволни од поголемата грижа за екологијата во последно време, не го криеја задоволството од една ваква акција, која, како што изјавија некои од нив, дополнително треба да ја подигне еколошката свест во општината.

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ НА СРЕДБА СО ЖИТЕЛИТЕ НА ВАТАША

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ НА СРЕДБА СО ЖИТЕЛИТЕ НА ВАТАША

Градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев на 25 април попладнето престојуваше во посета на селото Ваташа. Јанчев најпрвин имаше работна средба со раководството на Месната заедница Ваташа на која се разговараше за реализираните, тековните и идните проекти кои што општината ги спроведува во оваа месна заедница.

На средбата со раководството градоначалникот ги образложи приоритетите кои треба да се реализираат во престојниот период притоа посочувајќи ги новиот мост на реката Луда Мара потоа за продолжувањето со изградбата на кејот шеталиште, за изградбата на нови улици и санирање на постојната инфраструктура.

Посебен акцент градоначалникот Јанчев стави на идејата за изградба на пешачко рекретаивна патека која би се движела покрај реката од селото Ваташа се до воденицата во месноста Моклиште. За овој проект тој побара поширока кампања и лобирање пред се кај сопствениците на имоти покрај реката каде ќе се проектира патека со широчина од 4 метри. Тој истакна дека за овој проект е потребно големо разбирање особено од ваташани, бидејќи со негова изградба ќе се создатат услови за развој и на туризмот и тоа на еден од најубавите простори во општината.

 Од раководството на МЗ Ваташа, Јанчев побара да ги слушне нивните ставови и предлози околу проектите кои со општината ќе ги реализираат во наредниот период.

Во рамките на средбата градоначалникот ги обиколи и просториите на Спомен домот „12 Скоевци“, каде на самото место се запозна со состојбата во која се наоѓа објектот.

На крајот од престојот во Ваташа градоначалникот на паркингот пред спомен домот имаше средба со жителите од селото, на која ги искажа неговите приоритети во комуналната изградба на Ваташа, а од граѓаните во непосредна средба ги слушна нивните барања, желби, ставови и раамислувања.

Од средбата произлезе идеа за реновирање на Спомен домот и големата сала, како и можноста одбележувањето на јубилејот 75 години од стрелањето на 12 ваташки младинц на 16 јуни да се одржи во Ваташа.