Категорија: Проекти

ПОПЛОЧУВАЊЕ ПАТЕКИ ПРЕД КОМПЛЕКСОТ ЗГРАДИ НА БУЛ „КОЧО РАЦИН“

ПОПЛОЧУВАЊЕ ПАТЕКИ ПРЕД КОМПЛЕКСОТ ЗГРАДИ НА БУЛ „КОЧО РАЦИН“

Деновиве оперативата на кавадаречката фирма „Градба промет“ реализираше проект на општината за партерно уредување на пешачки патеки и пристап пред зградите на булеварот „Кочо Рацин“.
Согласно проектот, претходно на оваа локација се изврши поплочување на тротоар на улицата „Орце Николов“, под хотелот „Уни Палса“ 1, се оформи делница на сообраќаен пристап, а со бехатон плочи се урбанизираше и пристап до влез во зграда.
Од овој простор, претходно се отстраниа лимени гаражи, се расчисти отпад и шут, се кастреше бујна вегетација, се изгради нов паркинг, а се прошири и преасфалтира постоен паркинг, потоа се огради спортски терен и се изврши хортикултурно уредување.
Просторот општината го урбанизира согласно програмата за комунална изградба, а на барање на жителите од овој дел на Урбаната заедница „Кула“.

ОПШТИНАТА ГРАДИ „СКЕЈТ ПАРК“ НА  СПОРТСКИОТ ЦАНТАР „ЈАСМИН“

ОПШТИНАТА ГРАДИ „СКЕЈТ ПАРК“ НА СПОРТСКИОТ ЦАНТАР „ЈАСМИН“

Општината Кавадарци преку ангажираната оператива, започна со реализација на проектот за изградба на „Скејт парк“. На површина од  770  квадратни метри, планирано е да се изгради бетонско плато со финална обработка до мазен сјај, за рекреација и забава на младите „скејтери“.

Со проектот се предвидува изградба заштитна ограда, како и поставување на 6 елементи и тоа: рампа (Bank Ramp), централен комбиниран елемент (Funbox + Grindbox 2/3 + rail 2/3), потоа Кутија за стругање (Grindbox 1), како и Кутија за стругање (Grindbox 2).

Од реквизитите кавадаречкиот скејт парк ќе има и Четвртина цевка (Quarter Pipe), Права шина профил (Straight rail profile), како и пропратна опрема: клупи за одмор и корпи за отпадоци.

Се преедвидува и осветлување со рефлектори за користење на скејт паркот и во вечерни часови.

 

ИЗГРАДБА НА УЛИЦИ ВО НАСЕЛБАТА „ЈАСМИН“

ИЗГРАДБА НА УЛИЦИ ВО НАСЕЛБАТА „ЈАСМИН“

Фирмата „Градба промет“ деновиве работи на реализација на комуналниот проект на Општина Кавадарци за изградба на улици во населбата „Јасмин“.

Според проектот во оваа фаза општината треба да изврши пробивање на нови улици согласно Деталниот урбанистички план со што би се оформиле комунациите за индивидуалните станбени објекти во тој дел на градот под СЦ „Јасмин“. Ангажираната оператива треба да изврши нивелирање, трасирање, поставување на бетонски рабници и тампонирање на улиците.

ЌЕ СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „СТРАШО ПИНЏУР“

ЌЕ СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „СТРАШО ПИНЏУР“

Општина Кавадарци преку ангажираната оператива започна со асфалтирање  на делница од улицата „Страшо Пинџур“. Според проектот МСИП поддржан од Светска банка и ЕУ, кој се однесува на реконструкција на главните улици во градот, се работи на потегот од  спојот со  ул. „Ресавска“ кај „вториот триаголник“ па до ваташката пошта.

Во деновите на изведување на асфалтирањето на ова улица, заради квалитетно и непречено работење се воведува времен режим на сообраќајот.

Општината апелира до возачите, до сите учесници во сообраќајот, како и до граѓаните да се придржуваат кон новиот режим на сообраќај и да искажат разбирање и трпеливост.

САНИРАЊЕ НА ФАСАДА – ЗГРАДА БРОЈ 1 НА УЛИЦАТА „ФЕРДО РОСОМАНСКИ“

САНИРАЊЕ НА ФАСАДА – ЗГРАДА БРОЈ 1 НА УЛИЦАТА „ФЕРДО РОСОМАНСКИ“

Општина Кавадарци продолжува со реализација на проектот за санирање на фасадите на колективните станбени згради во централното градско подрачје, кои се утврдени како објекти од значење за пштината.

Изведувачот на работите кавадаречката фирма „Метал Апостолов“ деновиве работи на санирање на фасадата на осмата зграда, лоцирана над подземната гаража на плоштадот на ул.„Фердо Росомански“бр.1.

Акцијата започна пролетва со обнова на фасадата на дел од зградата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе”. Продолжи со обнова на фасадите на зградите на ул. „7-ми Септември“ бр.51 и бр.53 под полицијата, како и на зградата Стопанска банка АД Битола на ул.„7-ми Септември“ бр.13.

На улицата „Илинденска“ се обновени фасадите на зградите „Стара автобуска“ бр.32 и  кај „Тутунска банка“ бр.81. Обновена е и фасадата на зградата на ул.„Тиквешко востание“ бр.2 (казино).

Останува да се завршат фасадите на зградите на: ул. „Браќа Хаџи-Тефови“ бр.2, на ул.„Благој Крстиќ“ бр.1, зградата Водостопанство Тиквеш на ул.„Илинденска“ бр.26, на зграда бр.17 на ул. „Мито Хаџи Василев-Јасмин“,како и Општинска зграда (заден дел).

Во акцијата се опфатени вкупно 13 згради на кои се врши интервенција за санирање на сачокот, замена на олуците, како и крпење и фарбање на фасадите.

За оваа намена општината инвестира 5.361.793 денари, а парите се обезбедени од буџетот.

Loading