Категорија: Uncategorized

ДОНАЦИЈА НА ВОЗИЛО ЗА КАВАДАРЕЧКАТА ПОЛИЦИЈА

При посетата на Полициската станица од општа надлежнност Кавадарци, а во чест на денот на полицијата 7 Мај, градоначалникот м-р Митко Јанчев“ го претстави новото комби возило кое ќе служи за интервенции на кавадаречката полиција.

Возилото е донација од општествено одговорните компании „Кожувчанка“ и „Кав-комерц“ од Кавадарци. При обраќањето градоначалникот Јанчев рече дека со ова возило се подобрува работењето на кавадаречката полиција и додаде „На заедничката средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски договоривме дека ќе обезбедиме едно возило за интервенции за потребите на групата за интервенции при полициската станица Кавадарци. Тоа е ново комби возило обезбедено од „Кожувчанка“ и „Кав комерц“. Односно двете компании го даваат на општината како донација, а општината го донира на полициска станица Кавадарци. Со ова овозможуваме полициската станица да има подобри услови за работа и како град да бидеме на подобро ниво“ рече градоначалникот Јанчев и упати благодарност за донацијата до двете компании.

Благодарност за донацијата искажа и командирот на Полициска станица Кавадарци, Сашко Димовски.

„Ова возило за полициска станица Кавадарци ќе значи можност за побрза интервенција во Кавадарци и Росоман.  Возниот парк сеуште не е доволен за потребите на полицијата, но се стремиме кон подобро. Со ова комби значително ќе се подобрат условите за работа“ рече командирот на кавадаречката полиција Сашко Димовски.

ЗАВРШИ ДЕРАТИЗАЦИЈАТА НА КАНАЛИЗАЦИОНАТА МРЕЖА

Од извршените теренски увиди на надлежните во општината, од епидемиолошките иследувања од страна на стручнителица од Епидемиолошкото одделение при ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Кавадарци, како и поединечни пријави од граѓани и организации констатирано е дека во тековната година значително е зголемен бројот на глодари што претставува показател за епидемиолошки индикации.

Затоа општината Кавадарци превзеде навремени мерки за итни сеопфатни активности за нивно уништување со кои бројот на глодарите ќе биде ставен под контрола.

Дератизација се изврши во периодот од 03.04.2018г. до 17.04.2018г. од страна на стручни лица при ЈЗУ Центар за јавно здравје ПЕ Кавадарци – ДДД служба дипл.биолог Верица Клинчарова, мед.техничари Маријан Павлов и Даниел Ѓорѓиев во соработка со овластени лица од ЈП „Комуналец“ Бојан Атанасов и Петар Камчевски и со помош на комунални работници.

Дератизацијата беше извршена на ревизиони шахти на канализациона мрежа и колектори на територијата на Кавадарци. При дератизацијата беа користени родентицидни мамци ББ блок мамец од групата на биоцидни производи кои се користат за сузбивање на штетни глодари од комунална хигиена, здравство и земјоделие.

Дератизација беше извршена на 950 ревизиони шахти од канализационата мрежа каде вкупно беа поставени 3650 мамци.

СЕ МОДЕРНИЗИРА ПРОТИВПОЖАРНАТА ЕДИНИЦА ВО КАВАДАРЦИ

Градоначалникот на Кавадарци м-р Митко Јанчев во придружба на претседателот на советот Ристо Сакалиев деновиве беше во посета на Територијалната противпожарна единица Кавадарци. Тие извршиа увид во тековните активности од реновирањето на зградата на противпожарната служба која со општински пари целосно се обновува и модернизира.

Градоначалникот Јанчев е задоволен од квалитетот и текот на работата за модернизирање на кавадаречката противпожарна единица.

Посетата беше искористена и за промоција на новото командно  возило џип од марката „Туарег“ кое го донираше компаниата  „Екстра бус“ од Кавадарци. Возилото е наменето за брза интервенција на пожарникарите. Опремено е со агрeгат на кој може да се приклучат алатките со кои се интервенира при сообраќајни незгоди.

Во изјава градоначалникот Јанчев најави дека во наредниот период преку донации ќе бидат набавени уште две возила за против пожарната единица, а во меѓувреме се работи на комплетно реновирање на противпожарната зграда. Јанчев најави и изградба на нови гаражи, а за неколку дена ќе бидат вработени 16 нови пожарникари.

Kомандирот на кавадаречката противпожарна единица, Илчо Богевски се заблагодари за донацијата и информираше за активностите на пожарникарите во изминатиот период, како и за бројот на пожари минатата година и во годинава кои се случени на подрачјето на општините Кавадарци и Росоман, а во кои противпожарната служба интервенирала.

ПРОЛЕТНО РАЗУБАВУВАЊЕ НА КАВАДАРЦИ

Организационата единица  паркови и зеленило при Јавното претпријатие „Комуналец“ работи на хортикултурно уредување на дел од зелените површини во Кавадарци.

Во оваа пролетна кампања на разубавување се вклучени три локации: жардинерите пред старата стоковна куќа во центарот, кружниот тек кај автобуската станица, како и зелените површини во паркот на револуцијата.

ЈП „Комуналец“ на овие три локации ќе засади 2 500 корени на темјанушки (љубичици), кои ќе го култивираат и разубават овој дел на градот.