Се реновираше спомен куќата на Страшо Пинџур

Се реновираше спомен куќата на Страшо Пинџур

Подолг период се реновираше и се реставрираше спомен-куќата на народниот херој Страшо Пинџур во селото Ваташа. Министерството за култура и локалната самоуправа ја финансираа промената на покривната конструкција, обновена е фасадата, се изврши партерно уредување на дворот, а е поставена и нова ограда. Музејската поставка е збогатена со нови 40 фотографии.

Вчера спомен-куќата ја посети министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска и најави дека Министерството за култура ќе продолжи да ги поддржува локалните институции од областа на културата.

„Оваа спомен- куќа навистина беше во многу лоша состојба и заедно со локалната самоуправа издвоивме средства да се реновира и реставрира. Целта беше да се задржи нејзиниот автентичен изглед. Кавадарци е историски град со многу значајни личности кои оставиле белег во развојот на градот. Пред неколку години тука се отвори и музејот на вкусови“, рече меѓу другото Канчевска-Милевска.

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, меѓу другото потенцираше дека со овој проект, владата покажала дека се води грижа и за спомениците од Втората светска војна. „Ние покрај куќата на Страшо Пинџур ја реконструиравме и Спомен-костурницата, а следната година во содејство со боречката организација ќе ги дислоцираме сите бисти во паркот на револуцијата“. Панов најави дека со помош на Министерството за култура во текот на првата половина од следната наредната година ќе бидат променети и столовите во тамошниот Центар на културата.

Директорот пак на Музеј Галеријата, Петре Камчевски, нагласи дека институцијата со која тој раководи направила големи напори за зачувување на спомениците од културата во Кавадарци, на спомениците од НОВ и од Илинденскиот период. „Селото Ваташа на извесен начин претставува културен, образовен и револуционерен центар на целиот тиквешки крај. Ваташа го има првото световно училиште во Тиквешијата, првата печатница во Македонија, и првото читалиште на село. Куќата на Страшо Пинџур во континуитет е посетена не само од ученици туку и од граѓани на Македонија“, рече Камчевски.

1. реновирана куќа на Страшо ПинџурIMG_3241 (1)  1. реновирана куќа на Страшо ПинџурIMG_3241 (2)