Совет општина Кавадарци  26

Совет општина Кавадарци 26

Советот на општина Кавадарци ја одржа 26-та седница на која беа донесени повеќе одлуки и програми. Советот го одреди за приоритетен проектот за изградба на фекална канализација во селото Бохула и одобри сопствено учество за аплицирање на овој проект. Во Бохула ќе се гради фекална канализација во должина од 1500 метри за што се потребни 4 милиони денари. Парите ќе се обезбедат половината  од Минситерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој, а останатата половина  од буџетот на општината. Овие две одлуки добија едногласна подршка од присутните советници на седницата.

Со 10 гласа „за“, 6 „против“ и 2 „воздржани“ беше прифатена и одлуката за распределување на финасиски средства наменети за финасирање на проекти и програмски активности на здруженија и фондации. На оваа одлука амандманска интервенција имаше советникот Горан Белевски но неговиот амандман не беше прифатен од мнозинството. Тој бараше наместо 40 илјади денари, здружението на граѓани „Зона“ да добие 10.000 денари, а да се зголемат средтвата од буџетот од 15.000 на 30.000 денари за здружението за негување и развој на винската култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек“ и од 10 илјади на 25 илјади да се зголемат парите за здружението на глуви и наглуви лица Кавадарци.  Според Белевски оваа измена била потребна за  парите да заминат кај здруженија на кои им биле навистина неопхоидни. Амандманот беше отфрлен со 10 гласа.

На денешната седница советот ја усови и одлуката со која се утврдува нацрт-урбанистичкиот план за селото Марена за период 2014-2024 година. Едногласно присутните советници  донесоа  одлука со која се прифатија предлозите за уписна политика за средните општински училишта во општина Кавадарци. Едногласно се усвои и волонтерската стратегија за општина Кавадарци за период 2015-2018 година. Советот одобри финансиски средства од буџетот  во висина од еден милион денари за набавка на столчиња за салата на домот на културата „Иван Мазов Климе“.

Одлуката за набавка на ново патничко возило за потребите на општината беше повлечена од градоначалникот, а се усвои вториот дел од истата кој опфаќа набавка на електрични колични за хендикепирани лица.

Утврдувањеро на потреба од донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши промена на трасата на сообраќајната инфраструктура беше одложено се до моментот кога ќе бидат усвоени и ќе стапат на сила законските измени. На денешната седница советот донесе одлука со која е утрвди потребата од донесување на нова урбанистичко планска документација за објекти кои се надвор од плански опфат и неколку други одлуки кои се поврзани со урбанистичко планска документација.

Со одлука на советот се направи измена и во програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2015 година, а измената е поради настанатите штети од елементарната непогода пропратена со обилни врнежи од дожд кои беа причина за рушење на потпорни ѕидовии појава на одрони и клизишта. Исто така се донесе и одлука за обештетување на граѓаните кои пријавиле штети од невремето со поројните дождови.