Оган сред село, со вино ракија и колбаси. Со песни и со игри беше прославено доаѓањето на Православна нова година, празникот Василица, кој главно се поврзува со практикувањето на бркањето на лошите духови и демони со помош на џоламарите.
Во Тиквешијата и годинава во сите села празникот Василица беше прославен во многу домови, како слава на семејството или како христијански празник, со посета на црквите. Во Храмот „Свети Димитрија“ се одржа Света Василиева Литургија која ја отслужија свештеници од намесништвото во Кавадарци. А што се однесува за обичаите тие не изостанаа, напротив, годинава со поголема масовност со учество од најмалите до највозрасните.
Во некрстените денови, по раѓањето на Христос, треба да се чуваме од лошите духови и злите демони. Тие се тука меѓу нас, па во нас. Затоа треба да ги избркаме и да не подлегнуваме на нивните искушенија, а на Василица Џоламарите ја имаат таа задача. Древната традиција, ова година беше масовно практикувана во сите села од Тиквешијата, а во Општина Кавадарци особено. Ресава, Бегниште, Сопот, Дреново, Возарци и другите села како во Марена, потоа во Глишиќ, се палеа огнови сред село, а кумовите на славата го организираа животот околу него. Заиграа и џаламарите кои рано наутро од куќа по куќа ги бркаа самовилите, караконџулите, демоните. За возврат добиваа пари, јадење, вино, ракија од домаќините. Попладнето кога се се стишува, се вадат реквизитите, џаламарите ја симнуваат од себе облеката, се мијат и седнуваат на трпеза. Притоа се прави биланс на собраните пари и даровите во храна и пијалаци. И започнува подготовката за идната Василица.
Меѓу Василичарите-џаламари во село Сопот, присуствуваше градоначалникот Александар Панов. Тој ги даруваше џаламарите, а истовремено на сите граѓани на Општинава им посака многу здравје и бериќет во новата година со желба да биде многу подобра од претходната особено за лозарите и земјоделците.
Претседателката на Советот на Општина Кавадарци Горица Пеливанова Вилхелм со советничката Анита Гинова Каракутова ги посетија селата Бегниште и Ресава, советникот Зоран Јованчев беше меѓу жителите и џаламарите од село Дреново каде ги следеа обичаите ги даруваа џаламарите.
Традицијата се следи така по ред, со години. Само со непосредно присуство на овој обичај може да се почуствува неговата вистинска моќ и веднаш да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешни дни, со истиот интензитет како што било во минатото.
Маските на џоломарите од Ресава и Бегниште се препознатлив белег за овој крај. Тие се изработени исклучиво од природен материјал. Ќулафка-наметка, шајачни панталони, гумени опинци, волнени чорапи, околу половината врзуваат широки кожени ремени со 10 до 15 клопотарци, тешки над 15 килограми а мустаќите и брадата се од волна. Маскирањето на лицата се врши со саѓи од огништата. Ако случајно ноќта помеѓу 13 и 14 јануари наминете во овие села можете да ја видите групата џоломари во која учествуваат: дедо, баба, зет, невеста, поп, гатач и други џоломари па ќе морате да платите пари за да го поминете патот.
Ритуалот завршува утредента на 14 јануари кога група тргнува по куќите, во дворовите тропаат со клопотарците, попот ги благословува домаќините, а домаќинката ги дарува со брашно, месо, вино, ракија и други плодови. На крај откако ќе се посетат сите куќи тие се собираат во една определена куќа, прават гозба од даровите кои ги собрале, а од парите купуваат маски за наредната година.
Организирано со сите обичаи беше и годинава во сите единици на Централната градинка во Кавадарци. Свеченоста по повод Василица ја посети градоначалникот Александар Панов, претседателот на Советот Горица Пеливанова-Вилхелм на децата им подарија чоколади, а тие изведоа дел од обичајот за Василица покрај огнот. Панов на децата им посака многу здравје и безгрижни детски денови.