Во организација на општина Кавадарци Сектор за локален економски развој претставување на Банката за храна пред кавадаречките бизнисмени. Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање нагласи: „Мотото е 0% гладни. За жал храна се фрла во големи количини, наместо тоа со малку хуманост може да се искористи, бидејќи сеуште има луѓе кои страдаат за храна“. Притоа нагласи дека општината ќе обезбеди магацински простор каде ќе се складира храната која ќе биде донирана за сиромашните, а општината Кавадарци покрај возилото ќе обезбеди и просторија.
Претставникот на Банката за храна, Душко Христов се осврна на досегашното работење и нагласи дека секоја година со донациите во храна кои се собираат во банката се хранат секојдневно барем со по еден оброк 300 лица во 11 градови.
„Иако Кавадарци е една од најбогатите општини, сепак има гладни. Над 90 фамилии имаат потреба од помош. Наша визија е активна борба со гладот и сиромаштијата преку редуцирање на отпадот и фрлање на храна. Тука сме да ја прифатиме секоја донација на оброк. Гладот е најтежок вид на сиромаштија“ рече Христов и ги храбреше претставниците од бизнис заедницата да го донираат вишокот храна, а не да го фрлаат.
Во Кавадарци партнер на Банката за храна е еколошкото друштво “Еко живот“ кое ќе ги преземе на себе обврските околу практикувањето на ова работа.
Проектот го поздрави и градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, кој исто така беше присутен на презентацијата. Рече дека ова е добар начин да им се излезе во пресрет на луѓето кои имаат потреба од храна.