Голем број земјоделци од Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија учествуваа во обуката за органско земјоделско производство организирана од Центарот за развој на вардарски плански регион. Предавањата се одрѓаа во големата сала на општина Кавадарци
Обуката е дел од проектот на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, имплементирана од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Проектот е насловен „Поддршка и промоција на препознатливо стопанско туристички настани и мапирање на форми на рурален туризам”.
Целта на оваа обука е да се соберат сите индивидуални земјоделци од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, кои произведуваат земјоделско производство и да се запознаат со сите бенефити на самото органско производство. Органското производство е тренд во денешно време. Оваа обука е последна во оваа сесија на обуки кои ги одржува Центарот за развој при Вардарскиот плански регион, откако претходно имавме слична ваква обука наменета за микрорегионот Свети Николе и Лозово, рече во изјава за медиумите, Снежана Митрова од Вардарски плански регион. Предавач беше агрономот Иван Стојанов.
„Органското производство претставува систем кој го одржува здравјето на почвата, екосистемот и луѓето. Се базира на еколошки процеси, биодиверзитет и производство прилагодено на локалните услови со ограничена употреба на инпути. Органското производство е тренд во светот, а е комбинација на традиција и новитети во науката, со цел за остварување на заедничка корист и промоција на фер односи и добар квалитет на живот за сите кои се вклучени во овој систем на производство“ рече меѓу другото Стојанов пред земјоделските производители.