Во селото Ваташа интензивно се работи на изградба на нов мост и проширување на патот пред и после мостот. Се работи за мошне значаен проект со кој ќе се подобри безбедноста во сообраќајот на овој дел од општина Кавадарци, констатираа денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев по увидот на градежните работи.
„Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа, сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман, информираше Сугарески.
Директорот на ЈП државни патишта посочи дека постоечкиот мост во Ваташа е доста оштетен и опасен за понатамошна употреба, а и патот до мостот и после него е со незгодна кривина каде се случени повеќе сообраќајни незгоди.
„Се посветивме и на општина Кавадарци и го решаваме овој проблем. Новиот мост треба да биде завршен во февруари месец. Ќе се санира и речното корито во должина од околу 180 метри, како и пристапниот и излезниот пат на самиот мост кој ќе биде и променет. Ќе има модерен пат и мост и поголема безбедност, рече Китанов.
Градоначалникот Митко Јанчев го потенцира значењето на овој проект како за Ваташа така и за општината. На нашето прашање околу изградбата на кејот на реката, градоначалникот посочи дека тендерот е во тек и ќе се уредува речното корито од последниот мост до зградите „Силекс“.